Во написот на британскиот јавен сервис се вели дека царините се централен дел од економската стратегија на претседателот, па затоа одлуката на Врховниот суд – која утврди дека тој ги надминал своите овластувања кога вовел глобални тарифи со повикување на вонредни овластувања – претставуваше значително ограничување на неговата моќ

Не е изненадувачки што Доналд Трамп се одлучил за поинаков правен пат за воведување нова глобална царина од 15 проценти, се вели во анализата што ја објави Би-би-си.
Во написот на британскиот јавен сервис се вели дека царините се централен дел од економската стратегија на претседателот, па затоа одлуката на Врховниот суд – која утврди дека тој ги надминал своите овластувања кога вовел глобални царини со повикување на вонредни овластувања – претставуваше значително ограничување на неговата моќ.
Трамп објави дека неговата администрација ќе продолжи да поставува и да воведува нови, законски дозволени царини во наредните месеци, тврдејќи дека тие ќе донесат уште повеќе приходи од претходниот систем. Сепак, како што истакнува Би-Би-Си, она што е сигурно засега е континуираната неизвесност за бизнисите и сојузниците на САД.
Некои земји, како што се Обединетото Кралство, Мексико и Германија, претпазливо ја поздравија вчерашната пресуда, но рекоа дека ќе почекаат и ќе видат какви ќе бидат следните потези на американскиот претседател.
Би-би-си, исто така, предупредува дека останува отворено прашањето дали компаниите што ги платиле сега нелегалните царини ќе ги добијат своите пари назад.
Во објавата на британскиот јавен сервис се додава дека новата царина што ја воведе Трамп без одобрение од Конгресот може да трае најмногу 150 дена.
По најавите на Трамп за новите глобални царини од 15 отсто, Би-би-си пренесува реакции на американските пратеници.
Демократскиот конгресмен Тед Лиу вели дека Трамп „се чувствува повреден“ од одлуката на Врховниот суд и дека сега „ја истура врз американскиот народ“.
„Овие привремени царини ќе бидат оспорени на суд, а демократите ќе ги укинат кога ќе истечат“,
напиша Лиу на Икс.
Гувернерот на Калифорнија, Гавин Њусом, исто така коментира на Икс велејќи: „Доналд Трамп штотуку објави нов данок од 15 отсто врз американскиот народ. Не му е гајле за вас“.
Donald Trump just announced a NEW 15% TAX on the American people.
— Gavin Newsom (@GavinNewsom) February 21, 2026
He does not care about you. pic.twitter.com/hfTyDrUzKa
Од друга страна, демократскиот сенатор Џон Фетерман изјави за Фокс њуз дека има „отворен ум“ кога станува збор за царини и го повика претседателот да соработува со пратениците.
„Ако можеме да одиме против Кина со овие царини… апсолутно би гласал за тоа и би ги поддржал таквите мерки“,
рече тој, но додаде дека не го разбира наметнувањето царини врз сојузниците на Америка.
Откако Трамп првично ги воведе царините од 10 проценти, лидерот на републиканското мнозинство во Сенатот, Џон Тун, рече дека царините би можеле да бидат „важна и ефикасна алатка“ за изедначување на условите за игра со странските конкуренти.
Американскиот претседател Доналд Трамп денеска објави дека ќе воведе глобални царини од 15 отсто и продолжи да ја напаѓа одлуката на Врховниот суд со која се поништија неговите претходни увозни давачки.
Новите царини ќе почнат да важат од вторник, 24 февруари, и може да останат во сила околу пет месеци, по што администрацијата мора да побара одобрение од Конгресот.
