Покрај забелешките за начинот на одбележување на Денот на ослободување на Скопје и за Шилегов, БГНЕС во истиот текст, во “антибугарски контекст” ги наведува и градоначалникот на Центар Саша Богдановиќ и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски
Со наслов „Градоначалникот на Скопје организира ’историска тура‘ во чест на југодиктаторот Тито“, бугарската новинска агенција БГНЕС денеска објави текст во кој настанот на Град Скопје насловен „Историска тура со маршалот“, го става во контекст на наводните антибугарски гестови што се преземаат во земјава.

„40 години по смртта на еден од најозлогласените диктатори на 20 век, Јосип Броз Тито, денеска ќе биде организирана ’Марлашова тура‘ во центарот на македонската престолнина Скопје“,
пишува БГНЕС.
Медиумот наведува дека овој настан бил објавен и промовиран од кабинетот на градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.
Настанот вчера го најавија од Градот, а е дел од одбележувањето на ослободувањето на Скопје.
„Утре со почеток во 12 часот ќе се одржи ‘Историска тура со маршалот’ околу објектите и наследството од југословенскиот период во Скопје. Стартна точка е Споменикот на ослободителите на Скопје пред Владата на РСМ, а турата ќе ја води лиценцираниот туристички водич Војче Китаноски“,
пишуваше во најавата од Град Скопје.

Ваквите информации се пренесени и во текстот на БГНЕС, во кој се забележува и дека една од првите одлуки на Шилегов по преземањето на градоначалничката функција било враќање на пораката на Тито напишана на надворешната страна на Музејот на град Скопје, поранешната железничка станица уништена во земјотресот на 26 јули 1963 година.
„Вчера на ова место се одбележа и ’Денот на ослободувањето во Скопје‘. Уште на самиот почеток на манифестацијата беа упатени закани кон ’оние што денес го оспоруваат македонскиот идентитет‘. За да нема никакви сомнежи дека таквите манипулација и напад се однесуваа на Бугарија, претседателот на Сојузот на борци од Скопје, Трајко Стаматоски, посвети специјално внимание на ’генијалноста на Михајло Апостолски‘ кој не им дозволил на бугарските трупи да учествуваат во ослободувањето на престолнината“,
пишува БГНЕС.
Медиумот констатира и дека 76 години подоцна во Скопје продолжува да се крие фактот дека Првата и четвртата армија на Царството Бугарија, со мал број југословенски партизани, го ослободиле Скопје. А под водство на Апостолски, забележува БГНЕС, биле извршени најголемите фалсификати на историските документи, па го нарекува „татко на проектот за поставување плакати против бугарските фашистички окупатори на секоја улица и во секое село“.
„Според него (Апостолски), тоа бил единствениот начин да се докаже дека Македонците не се Бугари. Тој стана познат и по изјавата ’Немам доказ, ама тврдам‘. Како човек од доверба на српската војска, каде го стекнал образованието, Апостолски имал задача да ги прогонува Бугарите од западните предградија“,
пишува БГНЕС.
Овој медиум пишува и дека во тогашна Народна Република Македонија десетици илјади луѓе биле убиени, а над 100 000 луѓе биле прогонувани и завршиле во затворите, нарекувајќи ја УДБА за озлогласена агенција за државна безбедност на југословенскиот диктатор Тито.
Во својата објава БГНЕС забележува дека триесет години по распадот на Југославија и прогласувањето на независноста, овие „ужасни страници од југословенскиот период“ се кријат.
Во текстот понатаму, Тито е оквалификуван и како еден од најголемите масовни убијци од Втората светска војна, а се наведува и дека го предводел првото етничко чистење во Југославија на повеќе од 500 000 етнички Германци во Војводина.
БГНЕС забележува и дека покрај потегот за чествување на ослободувањето на Скопје, Софија минатиот месец била потресена од уште еден скандал, од градоначалникот на Центар, Саша Богдановиќ, кој развиорил српски знамиња, ги легализирал српските медиуми, ја негирал МПЦ и ја опишувал Република Северна Македонија како „стара Србија“. Богдановиќ, забележува БГНЕС, пред една година, побара и воведување на настава на српски јазик.

Во текстот, бугарскиот медиум пишува и за министерот за внатрешни работи Оливер Спасовки, наведувајќи дека во последните години неколку пати бил фотографиран со Иван Бабановски кого медиумот го нарекува „еден од поранешните лидери на УДБА во Македонија”.