Од неодамна, на влезот во населбата Шуто оризари, канцеларијата на Македонското здружение на млади правници нуди бесплатна правна помош на лица кои имаат проблем со бездржавјанството. Тоа се лицата кои постојат во општеството, но, не и пред државата, бидејќи немаат никаков документ. На овој начин, МЗМП и’ излегува во пресрет на Управата за водење на матични книги, бидејќи нејзините матични служби во општината не можат да ги опслужат сите граѓани, работејќи со скратено време поради пандемијата. Практично, на ова место ќе послужи како матична служба каде ќе се поднесуваат барања за брз влез во системот на посебна евиденција до крајот на годината.

Тоа го овозможува моменталниот закон за неевидентирани лица во матичната книга на родени, кој Собранието го усвои во февруари. Законот треба да опфати околу 700 лица кои не поседуваат лични документи, а кои Министерството за труд и социјала и Управата за водење на матични книги, во два наврати, во 2018 и 2019 година ги идентификуваа на терен.
Но, со појавата на ковид-19, С Македонија влезе во вонредна состојба, а Министерството за правда „заглави“ во донесувњето на подзаконските акти. Со Уредба на Владата од крајот на мај, рокот за поднесување на барање престана да тече за време на вонредбата состојба и продолжи шест месеци по нејзиното завршување, односно до декември. Во моментот, само МВР и Правда ги донесоа правилниците за содржината на барањето за упис и за начинот на издавање на идентификационата исправа. Останатите институции – Министерствата за труд и социјала, за здравство, образование, и Агенцијата за вработување, се уште не подготвиле планови за пристап до социјални, образовни, здравствени права како и вработување.
Очекуваат дете, не можат да се венчаат, бидејќи жената нема документи
Бајрамша Манџукај е 20 годишна Ромка која заедно со нејзиниот невенчан сопруг Фазли Емини живеат во населбата Ѓорче Петров. Тие не можат да ја официјализираат својата љубов, бидејќи Бајрамша е невидлива пред институциите. Има отпусница од болницата во Тетово каде се родила, но, нема матичен број. А без него, веќе две децении, нема ниту еден документ – извод од матична книга, лична карта или државјанство.
„Нејзините родители се дојдени од Косово во С Македонија пред дваесетина години. Мајката на сопругата е родена во домашни услови. Во изводот на сопругата стои само името на мајката, а таа нема ниту еден документ, не е пријавена нигде. Бајрамша е во шестиот месец од бременоста и ја очекуваме првата принова. Стравуваме дека овој проблем може да го пренесеме и на детето кое е пат да се роди“,
ја раскажа приказната Фазли Емили, не сакајќи да говори пред камера.
Во моментот, Бајрамша нема пристап до здравствена и социјална заштита. Без лични документи, не успеа да искористи ниту финансиска помош од државата, како дел од пакетот мерки во борбата против пандемијата. Овој случај ни го посочија од невладината организација „Аваја“.
Лицата без државјанство, генерално, живеат на маргините и во супстандардни услови. Нивната ситуација дополнително се влоши со појавата на ковид-19. Таква е сликата во голем дел од семејствата кои ги посетивме. Немаат струја, вода и канализација, во услови кога здравствените власти секојдневно повикуваат дека треба да се одржува хигиена. Немањето документи, пак, ги остави дополнително и надвор од системот за добивање државна помош во справување со последиците од короната. Собирањето железо и работа на нива е единствениот нивен приход за егзистенција. Таква е ситуацијата во Шуто оризари, битолски Баир и други население места во државата. Како државата конкретно им помогна?
„За ова категорија на лица поради сосотојба на ковид- 19 може да им се даде и дополнителна помош, но, за ова повеке можат да кажаат Центарот за социјални работи или пак дирекно со одлука на Влада да се оди“,
е кусиот одговор кој го добивме од Министерството за труд и социјала.
Како функционира законот во пракса?
Матичните служби при Управата за водење на матични книги започна со прием на барања од први октомври. Од таму велат дека подносителот на барањето за добивање привремен извод не се одбива, дури и неговите родители да немаат лична карта, а истото се однесува и доколку имаат деца кои не се евидетирани во матичната книга на родени. До првата половина од декември, примени се 140 барања, а само 36 лица добиле извод од матична книга на родени. Тие треба да добијат и посебна идентификациона исправа од МВР, која не а биометриски документ како личната карта. Во неа покрај фотографија има и идентификациски број составен од 13 бројки по случаен избор, но, не се исти како матичниот. Со ова решение, всушност, лицата без документи ќе бидат препознаени од државата, во иднина овозможувајќи им пристап до основните човекови права – можност за здравствени услуги, образование, социјална заштита, вработување. Но, не и државјанство, објаснува Јасна Пецевска од Управата за водење на матични книги.
Законот, сепак, не го решава статусот на бездржавјанство
Законот е привремено решение. За ова се едногласни и институциите и невладиниот сектор. За властите, целта е преку запишувањето во посебната матична книга на родени да добијат документи и да ги остваруваат правата како и другите граѓани во државата. За идејата на законот, неговата имплементација и на кој начин би можело во иднина конечно да се затвори прашањето со бездржавјанството, разговаравме со Јасна Пецевска од УВМК и Александра Ефремова од МЗМП, која смета дека со законот нема да запре појавата на незапишани деца во матичната книга на родените.
И лицата без државјанство дел од следниот попис
Со пописот, кој се очекува да се спроведе во април 2021 година, ќе бидат опфатени и лицата без државјанство. Тој процес ќе се организира заедно со Министерството за труд и социјала. Постои методологија како овие луѓе да се попишат, вели првиот човек на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски за „360 степени“, без да открва повеќе детали. Од Управата за водење матични книги, велат дека најверојатно, институциите ќе се послужат со дата базата која тие ја имаат за околу 700 лица без државјанство – нивните идентификациони броеви и местото каде живеат.