Министерот рече дека институциите немаат информации кои упатуваат на можни нарушувања на безбедноста

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска изјави дека безбедносната состојба во државата е стабилна и покрај регионалните тензии по конфликтот со Иран.
Министерот рече дека институциите немаат информации кои упатуваат на можни нарушувања на безбедноста.
„Во овој момент сметам дека имаме стабилна безбедносна ситуација. Немаме никакви индиции дека би можела да биде изместена од она ниво на кое е во овој момент. Советот за безбедност беше свикан и во овој момент сметам дека имаме стабилна состојба“,
рече Тошковски.
Во однос на апсењето на директорот на Инспекторатот за земјоделство, министерот потврди дека директор на државен инспекторат е уапсен при примање мито, со однапред обележани пари.
„Ова е еден од случаите што ја потврдуваат неселективната борба на Министерството за внатрешни работи, особено против оние што го срамат својот народ од позиција на директор, функција што му била дадена од страна на народот преку Собранието, Владата“,
рече Тошковски.
Со ова, како што истакна, „упатуваме многу силна порака, а тоа е дека нема недофатливи, нема недопирливи“.
„Секој што ќе згреши, особено на штета на македонските граѓани, со рекетирање и корупција, ќе одговара“,
додаде министерот за внатрешни работи.
