Министерот додаде и дека во Скопје е во фаза на имплементација системот за паметен зелен бран, проект кој треба да го намали метежот низ сите клучни булевари. Тошковски најави дека со ова решение протокот на возила ќе се забрза за речиси една третина

Возачите ќе мора да бидат повнимателни при влез во крстосница дури и на зелено светло, односно ќе треба да проценат дали ќе го блокираат сообраќајот. Ова, како што вели министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, ќе биде сообраќаен прекршок, но нема да има третман како поминување на црвено светло.
„Тој сообраќаен прекршок има друг третман. Нема да има третман на поминување на црвено, туку забавување или отежнување на движење во рамки на крстосница, кој е посебно дефиниран, и мислам дека казната беше 45 евра. Значи, возачот мора да направи проценка дека сообраќајот ќе се закочи ако помине на зелено светло и ќе мора да застане. Имаше во тест-периодот и такви ситуации, и камерите ве идентификуваат како да сте поминале на црвено, и покрај тоа што сте влегле на зелено. Но, сето тоа го отстранивме, и тој прекршок нема да биде констатиран како поминување на црвено, туку како задушување на крстосница“,
рече Тошковски во синоќешното гостувањето на ТВ 21.
Тој додаде и дека во Скопје е во фаза на имплементација системот за паметен зелен бран, проект кој треба да го намали метежот низ сите клучни булевари. Тошковски најави дека со ова решение протокот на возила ќе се забрза за речиси една третина.
Според Тошковски, новиот систем е направен паметно да го менаџира движењето на возилата, со што ќе се овозможи континуирано движење низ повеќе крстосници без непотребни застанувања.
Тошковски вели дека со неговата целосна имплементација, проточноста на сообраќајот треба да се зголеми, односно да има околу 30 отсто побрзо движење на возилата.
„Станува збор за систем со кој ќе бидат опфатени сите булевари во Скопје, со што и тоа како ќе се подобри проточноста на возилата. Интензивно се работи на имплементирање на ова решение“,
рече Тошковски дополнувајќи дека истражувањата за тајмерите на семафорите и искуствата покажале дека тие се повеќе штетни отколку корисни.
Според Тошковски, воведувањето на системот „Безбеден град“ веќе покажува резултати во поглед на безбедноста. Тошковски откри дека во тест-периодот бројот на прекршоци бил застрашувачки, но оти сега ситуацијата е сменета.
„На почетокот имавме 120 000 прекршоци, а денес таа бројка е падната на 500 до 800 на ден. Дивеењето по улиците е минато, а бројот на сообраќајки со тешки последици е во опаѓање“,
рече министерот.
Во однос на забелешките што ги имаат граѓаните за „Безбеден град“, Тошковски рече дека совршен систем не постои.
„Такво нешто ниту има кај нас ниту во која било друга држава. Грешки што настануваат ќе се отстрануваат во рамки на она што е поставено како систем. Грешките што ќе ги констатираме, а и ако граѓанинот дошол, се пожалил, кажал дека тоа не е неговото возило, не бил тој ден во државата, имаме можност да ги отстраниме и го информираме граѓанинот дека не е тој прекршителот“,
кажа Тошковски.
