„Секој оној што мисли и сѐ уште верува дека ако се измени Преамбулата на Уставот, тука завршуваат нашите предизвици и маки, се лаже“, вели премиерот Мицкоски по одлуката на Комитетот за човекови права на Обединетите нации дека Бугарија го прекршила правото на слобода на здружување на етничките Македонци

По најновиот заклучок на Комитетот за човекови права на Организацијата на обединетите нации (ООН) дека Бугарија го прекршила правото на слобода на здружување на етничките Македонци, премиерот Христијан Мицкоски изјави дека очекува уште меѓународни признанија за конзистентната политика на Владата, но и дека не верува дека може, како што рече, да дојде до промена на ставот на нашиот источен сосед, без силна и робусна акција од Брисел и поголемите членки на Европската Унија.
Одлука по одлука само се потврдуваат сите тези и стравувања што ние како Влада и политичари ги имавме, рече Мицкоски.
„Секој оној што мисли и сѐ уште верува дека ако се измени Преамбулата на Уставот, тука завршуваат нашите предизвици и маки, се лаже или не ја разбира политиката или свесно претставува меко ткиво на македонскиот идентитет и одработува за туѓите интереси“,
рече Мицкоски.
На прашањето дали одлуката на Комитетот за човекови права на ОН ќе има некаков ефект, Мицкоски рече дека ќе има ефект, но не очекува да има ефект врз политиката и политичарите во Бугарија особено не додека трае предизборната кампања.
„За жал, во минатото имавме политичари кои беа мекото ткиво на македонската идентитетска политика и прифаќаа сѐ, буквално и бел лист да им се ставеше на маса да го потпишат, од проста причина мислејќи, лековерно, дека на тој начин ќе останат подолго во Владата и ќе користат и уживаат привилегиите што тие за себе ги замислиле. (…) Веурвам дека нашите агрументи се исправни, нашите аргументи од ден на ден се потврдуваат на меѓународната сцена. Впрочем, ако го слушавте едно од оние интервјуа на поранешниот претседател на Бугарија, Румен Радев, а сега кандидат за премиер, каде вели дека тој лично двапати ја блокирал Македонија да ги отпочне преговорите, тогаш ни е сѐ јасно“,
рече Мицкоски.
Инаку, како што објави ООН, Комитетот за човекови права заклучил дека Бугарија го прекршила правото на слобода на здружување на етнички Македонец, коосновач на непрофитна организација за човекови права, кога домашните судови го отфрлиле неговото барање за регистрација на здружението без да обезбедат валидно правно оправдување.
Комитетот заклучил дека судските одлуки немаат јасност и се претерано формалистички, истакнувајќи дека домашните органи не ги разгледале дополнителните информации што ги донел подносителот на жалбата во поддршка на неговото барање во врска со активностите на непрофитното здружение за човекови права, ниту, пак, објасниле кои одредби од Законот се прекршени. Затоа, Комитетот заклучил дека државата не го оправдала одбивањето на барањето за регистрација на здружение, ниту покажала дека одбивањето било неопходно и пропорционално.
Комитетот за човекови права ја повика Бугарија да ги преиспита домашните судски одлуки со кои се одбива регистрацијата и да му обезбеди на подносителот на жалбата соодветна отштета, вклучително и надомест на таксите и другите правни трошоци што произлегуваат од прекршувањето. Исто така, побара од Бугарија да поднесе извештај во рок од 180 дена, детално наведувајќи ги мерките што ги презела за да ја поправи ситуацијата.
