Гласањето на болните и немоќните го спроведуваат избирачките одбори, додека за гласањето на лицата со ковид-19 се формирани посебни избирачки одбори во кои има и медицински лица
Мирно и без проблеми тече гласањето на болните и немоќните, лицата со ковид-19, затворениците и притворениците, информираше на прес-конференција Државната изборна комисија.
На еден ден пред вториот круг од локалните избори, денеска своето право на глас можат да го остварат вкупно 7 645 гласачи.
Гласањето на болните и немоќните го спроведуваат избирачките одбори, додека за гласањето на лицата со ковид-19 се формирани посебни избирачки одбори во кои има и медицински лица.
На гласачките места во 14 казнено – поправни установи своето право на глас можат да го остварат 1 409 гласачи. Сите гласачки места во затворите се отворени во 7 часот и таму гласањето ќе трае до 19 часот. До пладне, како што кажа Гугучевска, таму гласањето било без проблеми.
Во домашни услови денеска гласаат и 5 588 болни и немоќни лица или лица во куќен притвор, чии пријави биле прифатени од општинските изборни комисии, како и 376 лица со ковид-19 или во изолација. Во установите за вонсемејно згрижување своето право на глас можат да го остварат вкупно 266 гласачи, а право на глас имаат и шест внатрешно раселени лица.
Државната изборна комисија (ДИК) за набљудување на вториот круг од локалните избори акредитираше 1 598 набљудувачи, од кои 1 220 домашни и 368 странски, како и 10 странски новинари.
Денеска и утре, во 44 општини и во градот Скопје гласачите ќе може да гласаат за еден од двајца кандидати за градоначалник кои останаа во вториот изборен круг.