Претходно, Трамп на брифинг со новинарите изјави дека е оптимист за постигнувањето мировен договор во Појасот Газа

Вториот ден од преговорите за завршување на војната помеѓу Израел и Хамас во Појасот Газа, што се одржуваат во египетското летувалиште Шарм ел Шејк, заврши без видлив напредок, пренесуваат светските медиуми повикувајќи се на изјави на египетски претставник.
„Ситуацијата е непроменета во споредба со првиот ден, а израелската и делегацијата на Хамас цврсто се држат до своите ставови“,
вели тој.
Преговорите за завршување на војната во Појасот Газа се одржуваат во присуство на претставници од Катар, а со посредство на Египет.
Иако Израел и Хамас го поддржаа планот на американскиот претседател Доналд Трамп за прекин на борбите, ослободување заложници и испраќање помош во Појасот Газа, сè уште има спорни прашања за двете страни.
Неименуваниот египетски претставник тврди дека делегацијата на Хамас бара цврсти гаранции дека Израел нема да ги продолжи своите воени операции по ослободувањето на заложниците, инсистирајќи на целосен прекин на војната пред каква било размена.
Хамас, исто така, побара на разјаснување на механизмите и процедурите потребни за спроведување на мировниот план на Трамп, вклучително и гаранции дека Израел нема повторно да ја нападне палестинската енклава.
Египетскиот извор додаде дека израелската делегација досега одбивала да разговара за запирање на војната пред размената.
Тој наведе дека утре на разговорите ќе присуствува и американска делегација, предводена од специјалниот пратеник на американскиот претседател за Блиски Исток и Украина, Стив Виткоф.
Посредниците се надеваат дека учеството на САД ќе помогне да се изврши притисок врз Израел за да покаже флексибилност во однос на спорните точки – особено барањето гаранции дека војната нема да продолжи откако ќе бидат ослободени заложниците.
На разговорите во Шарм ел Шеик утре ќе присуствува и премиерот на Катар, Шеик Мохамед бин Абдулрахман ал Тани, како и турска делегација предводена од директорот на Турската разузнавачка служба (МИТ), Ибрахим Калин.
Претходно, Трамп на брифинг со новинарите изјави дека е оптимист за постигнувањето мировен договор во Појасот Газа.
„Мислам дела е можно да имаме мир на Блиски Исток, не само во Газа“,
посочи Трамп.