Како што рече министерот Фатмир Бесими на денешниот брифинг, даночната реформа ќе се спроведува етапно и на почетокот е планирано тоа да се реализира во делот на данокот на добивка, данокот на личен доход и данокот на додадена вредност
Прогресивното оданочување останува отворено прашање за кое ќе се дебатира во следниот период. Во предлог-даночната реформа нема конкретен предлог за ова прашање со цел да се остави простор за дебата и да се види кое решение би било најсоодветно, велат од Министерството за финансии.
Како што рече министерот Фатмир Бесими на денешниот брифинг, даночната реформа ќе се спроведува етапно и на почетокот е планирано тоа да се реализира во делот на данокот на добивка, данокот на личен доход и данокот на додадена вредност. Од данокот на добивка и на личен доход се очекува во буџетот да се слеат 54 милиони евра. Она што како предлог решение стои во даночната реформа е да се оданочуваат каматите на депозитите за 10 проценти, да се укине даночното ослободување по основ на реинвестирана добивка и да се плаќа здравствено и пензиско осигурување за хонорарците.
„Ако на пример имам 100 илјади денари во банка со два проценти годишна камата, тоа значи имам добивка две илјади денари годишно. И сега би платил 10 проценти данок, значи 200 денари годишно, кон државата“,
појасни Бесими на брифингот на кој беше презентирана даночната реформа.
Бесими вели дека се работи за предлог-решенија за кои ќе се разговара со сите засегнати страни во следниот период. Целта е да се создаде оптимален даночен систем и да има правично оданочување кое ќе го поддржи економскиот раст, а со тоа и животниот стандард на граѓаните.
Според Бесими, станува збор за реформа на која е работено долго време и за која се направени длабински реформи.