Прашана како да се надмине недостигот на медицински сестри, претседателката на Унијата на здруженија на медицински сестри, акушерки и стоматолошки сестри вели дека проблемот е што тие не се присутни таму каде што се носат одлуките и дека не може 25 години да има Лекарска комора, а да нема комора на медицинските сестри
Нездравата работна средина, несоодветните безбедносни услови, неможноста за напредување и ниските плати се дел од причините поради кои дел од овој медицински кадар се решава да ја напушти државата и да бара работа во други држави

Во земјава недостигаат околу 6 000 медицински сестри поради што од Унијата на здруженијата на медицински сестри, акушерки и стоматолошки сестри, предводена од Здружението „За нас“, апелираат отворање конкурси за вработување на ваков кадар.
Една од причините поради кои земјава, како и другите држави од регионот, се соочуваат со дефицит на медицински сестри е што дел од квалификуваните кадри заминуваат на работа во други земји, вели за МИА претседателката на Унијата на здруженијата Гордана Бешлиоска.
Повикувајќи се на податоците од Институтот за јавно здравје, таа вели дека во Македонија има 9 2000 медицински сестри, што е многу мал број според бројот на жители.
„Во државава недостигаат околу 40 проценти медицински сестри и ако треба да бидеме 14 000-15 000 медицински сестри, значи недостигаат околу 6 000“,
вели Бешлиоска.
Според неа, во последно време има појава на заминување на медицински сестри од земјава во Словенија и во Хрватска, каде има комори на медицински сестри, признаено им е образованието, личните доходи им се многу повисоки, има континуирани и отворени конкурси за вработување.
„Не може да ви се одлеваат медицински сестри во пензија, да имате сестри со договор на дело, да не ги вработувате со години во болниците. Тоа е невиден парадокс. На тој начин сами ги бркаме да си одат. Во болници во земјите од регионот има преквалификации од една специјалност во друга, ги доедуцираат и надградуваат за да можат да ги надополнат критичните единици и интезивните неги“,
наведува Бешлиоска посочувајќи оти се неопходни континуирани конкурси, како што има во Србија, Хрватска и другите земји во регионот.
Таа како пример го посочува Клиничкиот центар во Бања Лука каде што има отворен конкурс без никакви услови и во секое време медицинска сестра може да дојде, да конкурира и да се вработи.
Според Бешлиоска, нужно е во моментов на целиот кадар кој е на располагање во државата да му се отвори можност под итно да добие работа во болниците.
„Има ситуација во која од приватните концесионери остануваат на улица после 30 години работно искуство и не знаеме да си ги прибереме во примарното здравство од каде што дошле. Голем број од нив едно време со времен закон беа избркани од здравствените домови за да одат да работат со концесионерите. Работат со договор на дело со години, па медицинска сестра четири, пет, шест години работи во неизвесност за 23 000 денари без никакво здравствено осигурување. Такви сестри има многу во болниците“,
вели Бешлиоска.
Како што појаснува таа, во Агенцијата за вработување се регистрирани околу 740 невработени сестри, а голем број од нив веќе се заминати од државата, дел ја напуштиле професијата, а некои од нив се водат како невработени затоа во болниците се ангажирани со договор на дело.
Во однос на тоа каде најмногу недостига вакво медицински кадар, таа вели дека тоа се стационарите, каде што работата е многу опсежна, патронажните служби, потоа во операционите сали, клиниките…
Според неа, во одделите за интензивна нега каде се тешко болните треба да има една сестра на еден пациент или најмногу на двајца пациенти една медицинска сестра.
Бешлиоска потенцира дека истражувања покажале дека причини за незадоволството на медицинските сестри се нездравата работна околина, несоодветни безбедносни услови и ниските плати. Посочува дека многу важно е и признавањето на образованието, професионалната автентичност на сестрите и нивната автономност на работните места.

Кога станува збор за платите, Бешлиоска вели дека медицинските сестри со средна стручна спрема имаат плата до 30 000 денари, додека оние со високо образование земаат пет до шест илјади денари повеќе.
„На сестрите со специјалистичките студии, тие не им се признаени, како и на сестрите со втор и трет циклус на студии, магистериуми, не им е признаено научно образование. Околу 36 000 денари или 37 000 денари заработуваат сестрите со високо образование, на што им следат додатоците за нивниот работен стаж, за условите на работа, дежурствата, сменските работи“,
вели претседателката на Унијата на здруженија.
Таа додава дека почетната плата на медицинска сестра во здравствен дом може да изнесува 25 000 денари, во општа болница 27 000 денари, а во Клиничкиот центар 30 000 денари.
Прашана како да се надмине недостигот на медицински сестри, Бешлиоска вели дека проблемот е што тие не се присутни таму каде што се носат одлуките и дека не може 25 години да има Лекарска комора, а да нема Комора на медицинските сестри.
Тоа, според неа, е дискредитација на професијата медицинска сестра. Според неа, иницијативите за подобрување на состојбите не мора да дојдат од лекарите, но смета дека тие треба да ги поддржат иницијативите кои доаѓаат од здруженијата на медицински сестри.
Според неа, мора да има сектор за сестринство во Министерството за здравство и дека не може правници и стоматолози во Министерството да ги решаваат проблемите на медицинските сестри, кои не се политичка опција, трошок и бројки, туку тие имаат сериозна и мултидисциплинарна професија.
„Еден од најголемите проблеми е што сестрите не се вклучени во носењето здравствени политики, каде било, ниту ги има во некоја комисија, ниту во комисија за интрахоспитални. Дури и за наградата ’13 Ноември’, кога на име на докторите се дават наградите, медицинските сестри ги нема. Значи мора да бидат таму каде што се носат политиките, и сестрите да одлучуваат сами за себе, тоа е генералното, првото и основното, мора да го добијат правниот субјект комората и законот кој го немаат за нивната дејност. Сите занаетчии во државата имаа лиценци само медицинските сестри немаат лиценци за работа“,
вели Бешлиоска.
Од Министерството за здравство во врска со ова прашање за МИА велат дека во јавните здравствени установи на примарно, секундарно и терциерно ниво низ државата е почнат процес за надополнување на дефицитарните кадри.
„До овој момент се добиени согласности за вработување на вкупно 240 медицински сестри. За поголем дел од нив постапката за вработување е завршена, а за останатиот дел постапката за вработување е во тек. За илустрација, за Здравствен дом ‘Скопје’, од вкупно добиени 117 согласности за нови вработувања, опфатени се 33 медицински сестри, во ЗД ‘Крива Паланка’ се добиени согласности за шест медицински сестри, во ЗД ‘Вевчани’ за четири медицински сестри, во ЗД ‘Струмица’ за три патронажни сестри, во ЗД ‘Штип’ за две медицински сестри, како и во други јавни здравствени установи“,
информираат од Министерството.

Оттаму додаваат дека во следниот период се планира да има вработувања на двојно поголем број медицински сестри во јавните здравствени установи, што ќе се реализира по завршување на постапките и обезбедувањето на потребните согласности од надлежните институции.