Сите овие шпекулации се злонамерни. Вкупниот капацитет на автобусот беше 450-500 литри нафта за самиот автобус, а во никој случај немаше резерва за шверцерски цели
Туристичката агенција „Беса транс“-Скопје на својот фејсбук-профил објави дека нивниот автобус кој изгоре во сообраќајната несреќа не шверцувал бензин или пиротехника и апелира до медиумите да не се шират шпекулации што ќе ѝ наштетат на истрагата.
„Како агенција ги информираме семејствата на починатите и повредените во трагедијата дека автобусот во никој случај немал багаж за шверц на нафта, бензин или пиротехнички средства. Сите овие шпекулации се злонамерни. Вкупниот капацитет на автобусот беше 450-500 литри нафта за самиот автобус, а во никој случај немаше резерва за шверцерски цели. Уште еднаш ги замолуваме медиумите да не ги користат овие дезинформации“,
објави Агенцијата на Фејсбук.
Инаку, од денеска оваа компанија вече нема лиценца за превоз на патници, откако Министерството за транспорт и ја одзеде дозволата за работа поради тоа што е утврдено дека автобусот кој се запали во Бугарија при што загинаа 45 лица, а седум се повредени, се корист за меѓународни патувања иако немал извод за меѓународен превоз на патници ниту за каков и да друг јавен превоз.
Секторот за професионална одговорност на Царинска управа пак на граничниот премин Деве Баир врши детална контрола за тоа како автобусот излегол од државава, без да поседува извод од лиценца за вршење на меѓународен слободен превоз за патници.
Како што соопштија од Царинската управа се проверува постапувањето и на превозникот и на царинските службеници, согласно надлежностите пропишани со Законот за превоз во патниот сообраќај.