Станува збор за вработен во мала рурална локална самоуправа. Според претседателката на Комисијата, интересно е што секој вработен во образецот М1/М2 се изјаснува по националност, па така лицето кое се жалело дека го дискриминирале зашто е Бугарин, тука се изјаснил како етнички Македонец
Минатата година до Државната комисија за спречување и заштита од дискриминација бил доставен само еден поднесок за дискриминација поради бугарско самочувство. Претседателката на Комисијата Весна Бендевска во гостувањето на „Утрински брифинг“ изјави дека институцијата има високо ниво на самостојност и е важна во моментов, поради изјавите на припадници на бугарското малцинство во Северна Македонија кои велат дека им се загрозени правата, а нема каде да се жалат.
„При крајот на минатата година беше поднесена само една постапка од граѓанин кој се пожали дека е дискриминиран на работното место – вработен во мала рурална локална самоуправа – поради неговото лично чувство дека има бугарско потекло. Ние сме должни да ја прашаме и другата страна. Одговорот беше интересен. Секој вработен во образецот М1/М2 се изјаснува по националност. Жалителот тука се изјаснил како етнички Македонец, па оттука не му е нарушено правото на еднаквост со неговото сменување од работното место“,
појасни Бендевска во гостување во емисијата „Утрински брифинг“.
Таа истакна дека Државната комисија за спречување и заштита од дискриминација има веб-страница со детални податоци за случаите што ги имаат, колку се решени, до каде е постапката со одреден случај, а по ново можат и електронски да поднесат претставка.
Претседателката на Комисијата ги охрабри сите граѓани што се чувствуваат дискриминирано по која било основа – етничка, родова, сексуална, политичка и други, да поднесат претставка до Комисијата.