Белоруската авиокомпанија „Белавија“, која западните земји ја обвинуваат дека превезува мигранти во Европа, соопшти дека на барање на турските власти нема да им дозволи на граѓаните на Ирак, Сирија и Јемен да се качуваат на летови од Турција за Белорусија.
„Во согласност со одлуката на надлежните турски власти, граѓаните на Ирак, Сирија и Јемен повеќе нема да можат да се превезуваат со летови меѓу Турција и Белорусија“,
се вели во денешното соопштение на „Белавија“.
Ова е соопштено во момент кога неколку илјади мигранти, главно од Блискиот Исток, се блокирани во тешки услови на границата меѓу Белорусија и Полска, која не им дозволува да минат.
Има повеќе од 2 000 луѓе, меѓу кои и многу Курди, кои со денови се заглавени во „див“ камп на белоруската страна од границата.
Според полскиот дневен весник „Газета Виборча“, досега десет мигранти загинале во пограничната зона во последните неколку недели.
Европската Унија ги обвинува белоруските власти за организирање на на мигрантските групи, издавање визи и изнајмување летови со цел да се одмаздат за западните санкции наметнати врз властите на претседателот Александар Лукашенко по бруталната репресија на опозицијата минатата година.
ЕУ најави дека следната недела ќе бидат воведени нови санкции против режимот на Лукашенко, на што белорускиот претседател рече дека ќе возврати со запирање на транзитот на гасот за Европа.