Меѓу ослободените се истакнатата опозициска активистка Марија Колесникова и добитникот на Нобелова награда за мир, Алеш Бјалијатски

Белорусија ослободи 123 затвореници, вклучувајќи ја и истакнатата опозициска активистка Марија Колесникова, откако САД се согласија да ги укинат санкциите врз земјата, пишува Би-би-си.
Добитникот на Нобеловата награда за мир, Алеш Бјалијатски, е исто така меѓу оние што се ослободени по разговорите во Минск со специјалниот претставник на американскиот претседател Доналд Трамп за Белорусија, Џон Коал.
САД се согласија да ги укинат санкциите врз поташот, клучна состојка во ѓубривата и важен извозен производ за Белорусија, која е близок сојузник на Русија.
Коал вели дека како што се нормализираат односите меѓу двете земји, ќе бидат укинати сè повеќе санкции.
Претседателот на земјата, Александар Лукашенко, инаку близок сојузник на рускиот претседател Владимир Путин, Европската Унија не го признава како легитимен претседател.
Колесникова е во затвор од 2020 година, поголемиот дел од времето во изолација.
Нејзината сестра, Татјана Хомич, која неуморно водеше кампања за нејзино ослободување, разговараше со неа преку видеоповик, а набргу потоа и ја потврди веста за Би-би-си.
„Таа е слободна, изгледа добро, изгледа добро“,
рече Хомич додавајќи оти со нетрпение очекува да ја прегрне својата сестра.
Колесникова беше предадена на Украина заедно со 113 други затвореници, според Координативниот штаб на Киев за третман на воени заробеници.
Во објава на Телеграм, Украина соопшти дека по добивањето на потребната медицинска помош, затворениците ќе бидат транспортирани во Полска и во Литванија.
