Почесниот конзулат на Белорусија го обвини пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски дека шири лаги и ја дезинформира јавноста. Нивната реакција се однесува на тврдењето на Милошоски на вчерашната собраниска седница за пратенички прашања дека во Кабинетот на премиерот Заев дошол белорускиот амбасадор за да пријави случај во кој на бизнисмен од Битола, кој добил тендер да работи со РЕК Битола, му биле побарани 250 илјади евра.
„Ниту во минатото, ниту сега до Амбасадата на Република Белорусија во Белград и до амбасадорот Валериј Брилјев, ниту во Почесниот конзулат на Република Белорусија во Република Северна Македонија во Скопје не се доставени жалби, исто така ниеден стопанственик што бил примен на разговор не се пожалил за никакви проблеми, од каква било природа и какви било размери. Сакаме да посочиме воедно и да потврдиме дека се што беше искажано се едноставно лажни вести“,
велат од Почесниот конзулат на Белорусија во Скопје.
Тие најавуваат дека Амбасадата на Република Белорусија ќе упати Нота до Министерството за надворешни работи на С.Македонија за искажаните лажни вести.
Доцна вечерва, неколку часа по обвинувањето од Белорусија дека шири лажни вести, пратеникот и поранешен шеф на дипломатијата, Антонијо Милошоски на својот фејсбук профил напиша дека ќе побара извинување и повлекување на изјавата, а доколку од Конзулатот не го сторат тоа, најави дека ќе поднесе тужба за клевета.
Милошоски вели дека тој не ја проширил информацијата, туку ја чул од медиумите, па за него, како народен избраник, било легитимно да го праша премиерот дали се точни информациите и наводите што ги пренесуваат медиумите дека на бизнисмен кој што добил тендер во РЕК Битола му бил побаран рекет од 250.000 евра.
„Доколку внимателно сте ја следеле седницата и сте ги следеле вестите пред почетокот на седницата тој ден, сигурно сте имале можност да забележите дека таквите наводи и информации беа пренесени од најмалку 5 медиуми. Сепак, Вие сте одлучиле со известување во име на почесниот конзулат, без претходно да побарате информација од мене, без претходно јавно да реагирате до медиумите кои пренеле наводи за барање на рекет на фирми во РЕК Битола како тема од јавен интерес, да тврдите дека „од страна на пратеник се извадени лажни вести“, што не одговара на вистината и го сметам за навреда и клевета со која се нанесува штета на угледот во работата и извршувањето на моите обврски како пратеник“,
пишува Милошоски.
Почесен конзул на Белорусија е Борче Марковски. Неговата фирма, „Компанија Марковски“, подолго време е во фокусот на јавноста поради милионските зделки со државната компанија ЕСМ (поранешен ЕЛЕМ) за ископ на јаглен и јаловина за потребите на РЕК Битола.