Ова е прва официјална потврда на Белата куќа за нацрт-планот за кој украинските претставници претходно изјавија дека Вашингтон му го претставил на претседателот Володимир Зеленски
Мировниот план на Соединетите Американски Држави (САД), поддржан од претседателот Доналд Трамп, за кој се преговара со Русија и Украина, „е добар за двете страни“, соопшти вечерва Белата куќа.
Портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит на прес-конференција изјави дека специјалниот пратеник на Трамп, Стив Виткоф и државниот секретар на САД, Марко Рубио, „тивко“ работеле на планот еден месец и оти тој е во тек и се менува, но ја има поддршката на американскиот претседател.

„Тоа е добар план и за Русија и за Украина, и веруваме дека треба да биде прифатлив за двете страни. Работиме многу напорно да го оствариме тоа“, рече Левит, додавајќи дека Вашингтон „води добри разговори“ со Украина и со Русија за да „разбере на што би се обврзале двете земји“,
рече портпаролката, пренесоа светските агенции.
Инаку, ова е прва официјална потврда на Белата куќа за нацрт-планот за кој украинските претставници претходно изјавија дека Вашингтон му го претставил на претседателот Володимир Зеленски.
Деталите доставени до АФП од извор запознаен со ова прашање покажуваат дека планот содржи многу од барањата на Москва, вклучително и откажување на Украина од дел од својата територија и намалување на своите вооружени сили.
Лeвит не откри детали од планот, но негираше дека тој би бил неповолен за Украина.
„Рубио и Виткоф се сретнаа со украински преставници минатата недела. Претседателот Трамп станува се повеќе фрустриран од двете страни, но е посветен на ставање крај на војната. Знам дека има многу критики, но само да ве потсетам на историскиот успех што претседателот и неговиот тим го постигнаа на Блискиот Исток (примирјето меѓу Израел и Хамас во Газа н.з.). Веруваме дека ова е можно и со Русија и Украина“,
рече Левит.
Од кабинетот на украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска соопштија дека тој е подготвен да разговара со својот американски колега Доналд Трамп за мировниот план, кој, од она што досега е познато од пишувањата на светските медиуми, предвидува Киев да направи болни отстапки со цел да се стави крај на агресијата од Русија.
„Подготвени сме, како и досега, конструктивно да соработуваме со американската страна, како и со нашите партнери во Европа и низ целиот свет, за исходот да биде мир. Претседателот на Украина ги истакна основните принципи што се важни за нашиот народ, а по денешната средба, страните се согласија да работата на одредбите од планот на начин што ќе доведе до праведен крај на војната“,
соопштија од кабинетот на украинскиот претседател на Телеграм, наведувајќи дека разговорите меѓу Зеленски и Трамп ќе вклучуваат дискусија за „клучните точки неопходни за постигнување мир“.
Изјавата од кабинетот на Зеленски беше објавена по неговата средба со висока делегација на армијата на Соединетите Американски Држави (САД), која денеска пристигна во Киев.

Таа доаѓа откако претходно дел од функционерите во Киев остро го осудија планот, оценувајќи го како апсурден и неприфатлив.
Според нив мировниот предлогот, наводно составен од Кирил Дмитриев, близок сојузник на Владимир Путин, и специјалниот претставник на Доналд Трамп, Стив Виткоф, е „провокација“, чија цел е да се разгори поделба и да се „дезориентираат“ сојузниците на Украина.
Предлогот од 28 точки, според медиумските извештаи, многу наликува на барањата што ги постави Москва веднаш по инвазијата врз Украина во февруари 2022 година.
Според она што досега е објавено од медиумите, планот предвидува Украина да го отстапи северниот дел од регионот Донбас на Русија, и да ја преполови својата армија. Украина, исто така, ќе биде принудена да се откаже од своето оружје со долг дострел, кое се користи за удар врз воени цели во Русија.
Исто така, се предвидува да не бидат дозволени странски трупи на територијата на Украина, услов што ја исклучува можноста за мировни сили предводени од Велика Британија и Франција. Според Аксиос, САД треба да дадат одредени безбедносни гаранции, но какви ќе бидат тие, засега не е прецизирано.
Рускиот јазик и Руската православна црква, како што објавија медиумите, според планот, треба да добијат формален статус, што е едно од долгогодишните барања на Кремљ.
Европските лидери на состанокот во Брисел денеска рекоа дека не биле однапред информирани за најновата иницијатива на Белата куќа.
Извори за агенциите рекле дека тоа што се бара од Киев е рамно на капитулација.
Високата преставничка за надворешна и безбедносна политика на Европска Унија (ЕУ) , Каја Калас, изјави дека Европа ги поздравува сите напори за постигнување долготрајно и праведно решавање на војната, но нагласи дека за таквото решение да функционира во неговото носење мора да бидат вклучени Украинците и Европејците.
„Мора да разбереме дека во оваа војна има еден агресор и една жртва. Ако Русија навистина сакаше мир, можеше да се согласи на безусловно примирје уште пред некое време“,
рече Калас.
