Висок функционер на американската администрација во изјава за Ен-би-си вели дека деталите сè уште не се финализирани и дека засега не е јасно дали Зеленски ќе биде присутен на состаноците на Алјаска додавајќи дека тоа би било апсолутно можно
Белата куќа не ја исклучува целосно можноста да го покани украинскиот претседател Володимир Зеленски на Алјаска, каде што на 15 август ќе се одржи состанок меѓу претседателот на САД, Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин.

Висок функционер на американската администрација во изјава за Ен-би-си вели дека деталите сè уште не се финализирани и дека засега не е јасно дали Зеленски ќе биде присутен на состаноците на Алјаска додавајќи дека тоа би било апсолутно можно.
„Сите се надеваат дека тоа ќе се случи“,
вели високиот американски функционер во изјава за Ен-би-си.
На прашањето дали САД официјално го поканиле Зеленски на Алјаска, тој вели дека американскиот претседател останува отворен за трилатерален самит со двајцата лидери, но дека во моментов Белата куќа се фокусира на планирање на закажаната билатерална средба меѓу Трамп и Путин.
Деталите поврзани со состанокот на Алјаска сè уште се прецизираат, а точната локација на која ќе се одржи средбата засега не е објавена.
Најавата за средбата со Путин ја објави Трамп на социјалните мрежи велејќи дека Русија и Украина се блиску до договор за прекин на огнот, со што би можела да заврши три и полгодишната војна. Претходно тој изјави дека можниот договор веројатно ќе вклучува и размена на територии.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски, пак, порача дека нема да направи никакви територијални отстапки кон Русија и повтори дека Украина мора да биде вклучена во секое решение за мир.