Иако сè уште не ја погледнал целата листа со производи со зголемено ДДВ, Бектеши вели дека доколку се утврди оти со неа се опфатени и некои од основните прехранбени производи, кои сега имаат гарантирана цена, тоа ќе биде веднаш коригирано

На производите кои имаат гарантирана цена нема да има ДДВ поголем од пет отсто. Цената на овие основни прехранбени производи може да биде само дополнително намалена, но никако и зголемена, вели министерот за економија Крешник Бектеши.
„И покрај предвиденото зголемување на ДДВ, нема шанси да порасне инфлацијата во делот на храната“,
рече денеска Бектеши одговарајќи на новинарски прашања по конференцијата „Македонска економија – довербата расте“.
Министерот, иако, како што рече, сè уште не ја погледнал целиот список со производи со зголемено ДДВ, сепак, најавува дека доколку се утврди дека со неа се опфатени и некои од основните прехранбени производи, кои сега имаат гарантирана цена, тоа ќе биде веднаш коригирано.
„Им гарантирам на граѓаните дека ако во листата на производи со зголемено ДДВ има технички грешки направени од вработените во Министерството за финансии, тоа утре ќе биде ревидирано. Во однос на другите производи, тоа е одлука на Министерството за финансии и ќе имаме можност дополнително да ја разгледуваме. Јас утрово разгледав одредени производи од листата, во текот на денот ќе ја прочитам цела листа и ако има потреба утре на владина седница како Министерство за економија ќе го кажеме нашиот став“,
додаде Бектеши.
Според него, иако на прв поглед двете одлуки, за гарантирана цена и за зголемен ДДВ можеби се контрадикторни, сепак, како што рече, списокот на производи со замрзната цена е направен врз основа на анализи и факти.
Бектеши најави и дека до крајот на ноември и декември ќе има простор за дополнително намалување на цената на основните прехранбени производи и рече оти тоа ќе се случи.
„Основните прехранбени производи опфатени со одлуката за гарантирана цена ќе бидат само намалени, не може да се случи да бидат зголемени. Нема опција тие да бидат поскапени“,
нагласи министерот.
Министерот е уверен дека инфлацијата ќе биде надмината онака што го вети Владата, до крајот на годината. Во континуитет, секој месец, ќе има, како што напомена, намалување на инфлацијата, посебно во делот на храната.
Дека основните прехранбени производи нема да поскапат, бидејќи тие не се опфатени со одлуката за определување на добрата и услугите кои подлежат на повластена стапка на ДДВ, која Владата ја донесе на 28 септември и стапи во сила на 6 октомври, минатата недела тврдеше и министерот за финансии Фатмир Бесими.