Согласно одлуката, која денеска ќе биде на седница на Владата, се утврдуваат највисоки цени на тоалетна хартија, влажни марамчиња, пелени за деца и возрасни и хигиенски влошки што се применувале на 20 март во трговијата на мало, кои сега се намалуваат за 13 отсто, рече министерот за економија
По завршувањето на овие мерки за замрзнати цени, Бектеши рече дека додека има потреба за вакви одлуки тие ќе се носат, а најдоброто решение според него е да се усвои предлогот во делот на Законот за ДДВ за да има долгорочно решение за основните прехранбени и хигиенски производи
Тоалетната хартија, влажните марамчиња, пелените за деца и возрасни и хигиенските влошки ќе имаат замрзната цена и ќе бидат намалени за 13 отсто, соопшти денеска министерот за економија Крешник Бектеши.
Ова замрзнување, според него, ќе значи одредување на највисока цена по која може да се продаваат продуктите.
„Согласно одлуката, која денеска ќе биде на седница на Владата, се утврдуваат највисоки цени на тоалетна хартија, влажни марамчиња, пелени за деца и возрасни и хигиенски влошки што се применувале на 20 март во трговијата на мало, кои сега се намалуваат за 13 отсто“,
рече Бектеши.
Оваа одлука стапува во сила по објавување во „Службен весник“, а ќе се применува од 1 април 2023 година.
Бектеши даде опис на цените на овие хигиенски производи кои биле во изминатиот период.
„Во периодот од 1 март до 24 март 2023 година цената на тоалетната хартија се движела од 94,8 до 205 денари и на оваа цена, кога ќе се пресмета и ДДВ, би се движела од 111,8 денари до 241,9 денари, а главно повеќе од сите овие производи, повеќе од 85 отсто, се увезени во нашата држава. За влажните марамчиња во просек цената се движела од 94,6 денари во јануари, 94,5 во февруари и 83,2 денари во март 2023 година каде имаме царинска ставка од 6 отсто и не е вклучено ДДВ. За пелени за деца и возрасни цената се движи 36 денари по парче до 1 600 ден по кутија со бројни пакувања и тука не е вклучено ДДВ“,
додаде Бектеши.
Министерот додаде дека одлуката за хигиенските влошки се носи пред сè бидејќи Законот за намалување на ДДВ на овие производи сè уште не е усвоен во Собранието.
„Имајќи во предвид дека за жал во собраниска процедура од декември минатата година има законско решение за овие производи за намалување на ДДВ од 18 на 5 отсто, но се уште ова решение не е разгледано во Комисијата за финансирање и буџет во Собранието. Затоа го повикувам претседателот на собраниската Комисија за финансирање и буџет да ја свика седницата затоа што Владата е подготвена да се откаже од ДДВ за овие производи и да се намали ставката од 18 на 5 отсто за одредени производи“,
кажа министерот Бектеши.
Но, според него, најверојатно е неодговорно однесување на таа комисија и несакањето да се усвојат вакви мерки.
„Но, ние ќе ги користиме сите механизми. Ние сме за да се усвои законското решение и систематски да се реши оваа проблематика во делот на намалување на ДДВ и во делот на намалување на царинските давачки, посебно за основни прехранбени производи“,
додаде министерот.
На прашањето што ќе се случува по завршувањето на овие мерки за замрзнати цени, Бектеши рече дека сè додека има потреба за вакви одлуки тие ќе се носат, а најдоброто решение според него е да се усвои предлогот во делот на Законот за ДДВ за да има долгорочно решение за основните прехранбени и хигиенски производи.
За тоа дали има ризик откако ќе завршат мерките за замрзнати цени производителите и трговците да ги злоупотребат и нагло да ги зголемат цените, Бектеши одговори дека нема таков ризик.
„Нема таков ризик оваа година. Ги повикав сите производители и увозници, тие знаат кога поскапуваат суровините и кога е жетвата, да се подготват зашто мерките може да продолжат и по 31 мај. Производителите и трговците може да направат калкулации согласно постоечките цени на суровините и другите параметри како влезни во утврдувањето на финалната цена. Сите моментно се со маржа на профит и со цените утврдени од Владата“,
додаде министерот.
Од почетокот на годинава со владина одлука се ограничени цените на белиот и полубелиот леб, тестенините, оризот, јајцата и млечните производи: трајно кравјо млеко со 2,8, 3,2 и 3,5 отсто масленост, урда, кравјо и мешано бело сирење, кравји кашкавал, кисело млеко, павлака и јогурт.