Маржите нема да се сменат. Одлуки ќе се укинат само тогаш кога ќе се примети дека има намалување на одредени цени, вели Бектеши
Почнаа да се полнат сите рафтови во маркетите, а на бензиските пумпи веќе нема колони од возила, рече денеска министерот за економија, Крешник Бектеши на прашањето што досега утврдиле инспекциските служби кои контролираат евентулани манипулации со храната и горивото.
„Инспекциите се вршат и во сабота и во недела. Утре ќе имаме координација со сите институции кои вршеле инспекции во текот на викендот и ќе известиме за наодите. Досегашните информации се дека веќе почнале да се полнат сите рафтови во супермаркетите, нема колони на бензискисте пумпи. Затоа уште еднаш би апелирал да не се создава паника, во континуитет сите трговци, увозници и дистрибутери имаат доволна испорака согласно потрошувачката“,
рече Бектеши.
Во однос на ограничувањата на трговските маржи за основните производи, и покрај критиките од бизнис-секторот Бектеши вели дека тие нема да се намалат или укинат. Одлуката за ограничени маржи вели ќе се укине само ако има намалување на одредени цени.
„Маржите нема да се сменат. Одлуки ќе се укинат само тогаш кога ќе се примети дека има намалување на одредени цени. Ако има намалување во цените на овошје и зеленчук секако дека ќе ја укинеме одлуката за овошје и зеленчук, ако има намалување на цената на маслото ќе ја укинеме одлуката за тој одреден период. Во случај ако има зголемување ќе има дополнителни мерки“,
рече Бектеши.
Сите резерви на нафтвени деривати се полни и испораки се прават редовно, рече Бектеши. Тој рече дека нема простор за паника ниту за цената, па апелираше граѓаните да не создаваат залихи за да не предизвикаат „вештачко зголемување на цените“.
„Граѓаните да не потпаѓаат под шпекулации од одредени портали или трговци кои во овој момент се воени профитери и самите да направат вештачки криза во однос на зголемување на цените бидејќи кога се зголемува потрошувачката се зголемуваат и цените. Граѓаните да купуваат согласно нивните потреби, а не да создаваат паника. Ве уверувам дека како што било и претходно и сега ќе биде и цените ќе бидат најконкурентнии најмали ако ги споредуваме со цените Косово, Албанија, Грција, Бугарија, Србија“,
рече Бектеши.