Владата на претходната седница одржана минатиот вторник (18 јули), формално го задолжи министерот Бектеши да ја информира за сите постапки поврзани со рудникот „Иловица-Штука“, откако претходно се изгласа спојување на концесиите, а потоа дел од министрите тврдеа дека не биле темелно запознаени за што гласале и побараа ревизија на одлуката
За утре, одново е најавена прес-конференција на министерот Бектеши, откако денешнатa се одложи, а новинарските екипи попусто го чекаа министерот час и половина во Медија центарот на Владата

Доцна вечерва Владата соопшти дека на денешната седница е разгледана Информацијата со хронологија за постапките за доделување на концесиите на локалитетот „Иловица“.
Оттаму велат дека Информацијата била и образложена на седницата.
„Владата на денешната седница ја разгледа Информацијата со хронологија за постапките за доделување на концесиите за детални геолошки истражувања и експлоатација на минерална суровина – бакар и злато на локалитетот ‘Иловица’, општина Босилово и општина Ново Село на Друштвото за производство, промет и услуги ЕУРОМАКС РЕСОУРЦЕС ДОО Скопје, со прилози, поднесена од Министертсвото за економија.
Информацијата, којашто беше и образложена на седницата, е согласно Извадокот од Нацрт записникот од 171-та седница на Владата на Република Северна Македонија, одржана на 18 јули 2023 година, во врска со управните и судски постапки, заклучоци и информации, поврзани со експлоатацијата на минерална суровина – руди на бакар и злато на локалитетот ‘Иловица’ – општина Босилово“,
соопшти Владата.
Повеќе информации за оваа точка на дневниот ред на владината седница би требало да се соопштат утре, за кога е закажана прес-конференција на министерот за економија Крешник Бектеши.
Ова е втора најава за прес-конференција на Бектеши, откако претходно Владата првично најави дека тој ќе се обрати денеска, но, таа се одложи – по час и половина чекање на новинарските екипи.
Новинарите трпеливо го чекаа министерот да се појави во Медија центарот на Владата на средбата закажана доцна синоќа, но по речиси час и половина излезе дека било залудно.
Од неговиот кабинет известија дека поради дебатата која сè уште траела на владината седница, тој нема да биде во можност да излезе пред медиумите денеска.
Сега, Владата одново најавува прес-конференција за утре, со почеток во 11 часот.
Инаку денеска се одржа првата седница на Владата по враќањето на Бектеши од службеното патување во САД. На неа тој требаше одново да реферира за одлуката за спојување на концесиите за рудникот „Иловица-Штука“, што на 27 јуни заедно со колегите ја изгласаа како дополнителна точка на владина седница, а потоа, дел од министрите тврдеа дека не биле темелно запознаени за што гласале и побараа ревизија на одлуката.