Крешник Бектеши, член на раководството на ДУИ, партијата која од летово е во опозиција, вели дека Уставниот суд почнал да носи одлуки кои се по политички диктат на власта и се спроведување на изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ
„Мицкоски не е дел од Уставниот суд за секој ден да дава изјави кои членови од одреден закон ќе се укинат. Мицкоски не е уставен судија. Колку што јас го знам, а мислам дека го знам добро, тој не е ниту правник“, изјави ексминистерот Крешник Бектеши во интервју за „360 степени“ на МРТ 1

360°: Околу писмото на вашиот лидер Али Ахмети до премиерот Христијан Мицкоски – тоа, пред сè, се однесува на одлуките на Уставниот суд, едната е укинувањето на т.н. „балансер“ и другата во најава дека ќе бидат укинати делови од Законот за употреба на јазиците. Велам Уставниот суд, а премиерот не е дел од Уставниот суд. Да не е згрешена адресата?
Бектеши: Не, не е. Одлично прашање и многу добро што се отвора. Токму затоа што не е дел од Уставниот суд, Мицкоски не треба да дава изјави кои членови би се укинале од страна на Уставниот суд. Мицкоски не е уставен судија. Колку што јас знам, а мислам дека го знам добро, тој не е ниту правник.
360°: Има мислење на Венецијанската комисија, можел од таму да се информира.
Бектеши: Мислење на Венецијанската комисија има за повеќе од 12-13 законски решенија во нашата држава и други кои Уставни суд не ги земал предвид. Мицкоски секојдневно излегува и кажува што Уставниот суд треба да направи, што треба обвинителството да направи, што треба судството да направи, а јас колку што знам властите во земјата треба да бидат одделени – има извршна, законодавна и судска власт. Пред два-три дена излезе г. Мицкоски и кажа дека најверојатно Уставниот суд ќе укине три члена од Законот за употреба на јазиците, истото беше и во делот на укинувањето на изразувањето на етничката припадност, со што се укина `балансерот`, а воедно и најлошо, тоа го имаше и во неговата изборна програма. Замислете, политичка партија да му каже на Уставен суд што треба да се укине, што треба да се прави…
360°: Имаше констатaција и во еден од извештаите од скринигот на ЕК дека `балансерот` ја завршил својата работа.
Бектеши: Тоа е друга работа. Во извештаите на ЕК има насоки за подобрување на одредени политики кои моментално се реализираат. `Балансерот` не е законско решение, туку е подзаконски акт кој произлегува од законите. Да биде поедноставно – тоа е формула како треба да се реализираат вработувањата по етнички клуч во одредени институции. Господинот Азир Алиу, а мислам и г. Адмирим Алити, кои раководеа со МИОА во тоа време, направија извештај за надградба за да не се остави простор за злоупотреби, а не да биде укинат. Ако внимателно читате, тоа е препораката од ЕК.

360°: Ајде да се вратиме на појдовната теза…
Бектеши: Укинувањето на `балансерот` беше во програмата на ВМРО-ДПМНЕ и сега се даваат насоки на уставните судии од страна на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и претседател на Владата за начинот на кој Уставниот суд треба да ги носи одлуките, а тие одлуки се носат со надгласување.“
360°: Да се вратам на појдовната теза – треба ли само зашто не сте на власт сега да велите, се враќаме на условите од пред 2001 година?
Бектеши: Не е точно. Не знам колку пати треба претставниците на ДУИ и претседателот и наш лидер, лидерот на Албанците, Али Ахмети, да каже јавно – ДУИ нема да стане дел од власта и утре „Влен“ да реши да излезе од Владата. И во кампањата кажавме дека целта на ДУИ и на `Европскиот фронт` е да се откочат евроинтеграциските процеси на нашата држава. Тоа е прв приоритет и останува како таков и денес, како што се и другите четири точки што веќе ги објави г. Ахмети – ветингот, потеклото на имот, ревизија на приватизацијата и други точки. А не дека не е важен легитимитетот, зашто некој сака намерно да демотивира одредени етнички заедници да не излезат на гласање. Не е ова 19 век за некоја политичка партија да решава за тоа како ќе бидат претставени заедниците во нашата држава.
