Концесиите се еднострано раскинати, по притисокот на жителите кои долго време преку протести бараат концесионерите да престанат со работа поради претераната бучава предизвикана од детонациите, прашината која се крева и индициите за пораст на малигните заболувања. Концесионерите имаат рок од 60 дена да достават барања до Министерството за други локации, по претходно добиени позитивни мислења од надлежните сектори

Одземени се пет концесии за минерални суровини, речиси сите во околината на село Лабуништа, за да се заштити здравјето на жителите и животната средина, соопшти денеска министерот за економија, Крешник Бектеши.
Концесиите, еднострано се раскинати, рече Бектеши, а сите концесионери имаат право во рок од 60 дена да достават барања до Министерството за други локации од истиот вид минерална суровина. Услов е претходно да обезбедат мислења од надлежните институции, вклучувајќи го и Министерството за животна средина.
„Со ова се реализира уште едно ветување кое го дадовме на жителите на Лабуништа за раскинување на концесиите. За време на вонредната состојба тие продолжија да доставуваат барања за одземање на концесиите, укажувајќи дека настанатата прашина при минирање, сепарирање и транспорт на минерални суровини значително им го нарушува здравјето“,
рече Бектеши.
Жителите на Лабуништа со месеци бараат државата да стави крај на работата на каменоломите близу селото, поради претераната бучава предизвикана од детонациите и прашината која се крева низ целото село.
„360 степени“ во октомври минатата година го посети селото. Доктор специјалист интернист Аладин Демишкоски тогаш ни изјави дека и покрај фактот што Лабуништа е на многу голема надморска височина, од неодамна се појавиле болести што претходно биле непознати за овие жители. Погледнете го видеото.
