Основниот суд Кочани денеска на својата веб-страница во рамките на Судскиот портал, објави соопштение, со кое информира за донесените мерки за обезбедување присуство на осомничените во истрагата за пожарот во т.н. кабаре во Кочани, додавајќи дека се постапува по жалби на 12 осомничени за трагедијата во Кочани
Дека ексминистерот за економија, Крешник Бектеши останува во притвор за дел од медиумите потврди неговиот адвокат, Еленко Миланов која најави жалба на одлуката. Инаку, Бектеши е во притвор од самиот почетокот на истрагата за пожарот во т.н. кабаре „Пулс“
Поранешниот градоначалник на Кочани, Љупчо Папазов, кој си поднесе оставка од функцијата по трагедијата во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани, во која загинаа 62 лица, а речиси 200 се повредени, од затворски оди во куќен притвор.

Затворскиот со куќен притвор, на предлог на Основното јавно обвинителство Кочани, покрај на Папазов, сега им е заменет и на поранешниот директор на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ), Горан Трајковски, еден инспектор од оваа институција и член на обезбедувањето на клубот, објави телевизија Телма.
Основниот суд Кочани денеска на својата веб-страница во рамките на судскиот портал објави соопштение, со кое информира за донесените мерки за обезбедување присуство на осомничените во истрагата за пожарот во т.н. кабаре во Кочани.
Во соопштението не се наведени иницијали или функциите на кои се или на кои биле осомничените за кои се определени новите мерки. Од она што може да се разбере е дека од 24 осомничени на кои им беше определена мерка притвор во рамките на истражната постапка отворена на 20 март, за тројца таа е замената со куќен притвор по жалба на осомничените, додека четири лица од затворски заминуваат во куќен притвор на предлог на Обвинителството.
„По поднесените предлози за определување на мерка притвор а врз основа на донесена наредба за истражна постапка Ко бр.180/25 од 20.03.2025 година на ОЈО Кочани, од страна на судија на претходна постапка беа определени вкупно 24 мерки за обезбедување на присуство – притвор, од кои по изјавена жалба од осомничените преку нивните бранители изречената мерка притвор беше замената со мерка куќен притвор за тројца осомничени, а во понатамошниот тек од постапката по даден предлог на ОЈО Кочани за замена на мерката притвор со мерка куќен притвор за 4 осомничени беше определена мерка куќен притвор. Спрема сите осомничени по дадените предлози за определување мерка за присуство по донесената наредба за спроведување на истражна постапка Ко бр.180/25 од 20.03.2025 година од страна на ОЈО Кочани, беше доставен предлог за продолжување на овие изречени мерки до Основен суд Кочани и по вака изјавените предлози за продолжување на претходно определените мерки за обезбедување на присуство се постапува во определените законски рокови“,
се вели во соопштението на Основниот кривичен суд.
Според ова, во куќен притвор остануваат другите двајца поранешни градоначалници на Кочани, Ратко Димитриевски и Николчо Илијев, како и ексдиректорката на Државниот пазарен инспекторат, Анета Симеска-Димоска.
Истовремено, за нови 30 дена е продолжен притворот на поранешниот министер за економија, Крешник Бектеши. Ова за дел од медиумите го потврди неговиот адвокат, Еленко Миланов, кој најави жалба на одлуката.
За потсетување, Бектеши е во притвор од самиот почеток на истрагата за пожарот во т.н. кабаре „Пулс“.

Од кочанскиот Основен суд информираат и за мерките изречени на 19 осомничени со кои на 12 април беше проширена истрагата за пожарот.
Од нив четворица се во затворски притвор, осум се во куќен притвор и на седум им се дадени мерки на претпазливост.
„По поднесените предлози за определување на мерки за обезбедување на присуство а врз основа на донесена Наредба за проширување на истражна постапка за нови лица Ко бр.180/25 од 12.04.2025 година на ОЈО Кочани, спрема 19 осомничени од кои за 4 осомничени беше предложена мерка притвор која со решение на Судијата на претходна постапка беше определена спрема истите, спрема 8 од осомничените беше предложена мерка куќен притвор, истата судијата на претходна постапка беше определена спрема овие 8 осомничени, додека спрема 7 осомничени беа предложени мерки на претпазливост и истите со решение на претходна постапка се изречени спрема осомничените“,
се наведува во соопштението на Судот.
Меѓу осомничените на кои им беше одредена мерка куќен притвор се поранешните министри за економија, Ваљон Сарачини и Беким Незири, додека за ексминистерот и актуелен амбасадор во Норвешка, Дритон Кучи, се изречени мерки на претпазливост.
Во меѓувреме, од судот во Кочани информираат дека се разгледуваат жалбите на 12 осомничени и дека судот ќе извести за донесените одлуки во законски предвидениот рок.
Покрај истрагата на Основното јавно обвинителството Кочани, од вчера со уште седум полициски службеници е проширена истрагата што ја води Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), а која исто така се однесува на пожарот во Кочани.
Во истрагата за пожарот во т.н. „кабаре“ осомничени се околу шеесетина лица, сметајќи ги и полициските службеници.
На полициски службеници опфатени во истрагата им се определени мерки на претпализвост, вклучително и на седумтемина кои беа приведени кратко по пожарот и на кои првично им беше одреден притвор.
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција денеска потврди дека и полицискиот службеник кој беше недостапен за органите на прогонот самиот се пријавил кај надлежните органи и дека е изведен пред судија на претходна постапка.
Во истрагата за трагедијата во Кочани, што ја водат и двете обвинителства, осомничените се товарат за дејствија што не ги презеле или ќе презеле, а не требало во континуитет од почетокот на работа на угостителскиот објект до критичната ноќ на 16 март. Обвинителството, како што во моментов е одреден правецот на истрагата, ќе треба да докаже каузална, односно причинско-последична врска на дејствијата на осомничените кои резултирале со ужасната трагедија која одзеле голем број животи.

„Дури и ако едно индивидуално пропуштање не е директна причина за штетата, нивниот збирен ефект може да биде критичен. Континуирано игнорирање на ризикот во долг временски период може да создаде основа за правна или етичка одговорност. Вакви практични примери на долгорочен каузалитет има повеќе. На пример, кај градежна сигурност. Ако со години не се врши редовен инспекциски надзор врз објект, а подоцна истиот се урне, одговорноста не се однесува само на последниот контролор, туку и на сите претходни надзорни органи кои не постапиле… Токму затоа повторувачките пропусти на различни лица низ подолг временски период се земаат предвид при анализа на причинско-последичната врска. Во случаи на долготрајна негрижа, цели институции или системи се одговорни, а не само поединци во моментот на самата последица“,
изјави државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски на прес-конференцијата во неделата по повод проширувањето на истрагата со нови 19 осомничени.