Убеден сум дека сите одлуки ќе бидат во насока на тоа да се зачува животниот стандард на граѓаните и да се поддржат малите и средните компании да бидат што поконкурентни, што значи дека не очекуваме да има зголемување на цената на струјата од 1 јули имајќи ги предвид постоечките податоци и предвиденото, во спротивно очекуваме да има дополнително намалување

Министерот за економија Крешник Бектеши не очекува да се зголеми цената на електричната енергија од 1 јули годинава.
„Во координација со Регулаторната комисија за енергетика, која е надлежна за утврдување на цената на електричната енергија и за домаќинствата и за малите потрошувачи, согласно Законот за енергетика, веќе се прават одредени анализи до детали. Во координација сме и со факултетите и со други експерти за да се менува начинот на пресметување на цената на електричната енергија, во согласност со капацитетите што ќе ги имаме во мај и во јуни. Убеден сум дека сите одлуки ќе бидат во насока на тоа да се зачува животниот стандард на граѓаните и да се поддржат малите и средните компании да бидат што поконкурентни, што значи дека не очекуваме да има зголемување на цената на струјата од 1 јули имајќи ги предвид постоечките податоци и предвиденото, во спротивно очекуваме да има дополнително намалување како што и направивме“,
рече Бектеши на денешната средба со новинарите.
Прашан за тоа како на цената ќе се одрази зголемувањето на ДДВ на 18 отсто од 1 јули, Бектеши рече дека тоа ќе биде одлука која ќе треба да ја разгледаат министерствата за економија и за финансии и оти сега нема такви разговори.
„Владата е насочена на мерки со кои ќе им се излезе во пресрет на граѓаните, а една од таквите мерки е да се продолжи со 10 отсто ДДВ имајќи предвид дека од 1 јули, согласно производството на ЕСМ и движењата на цените на берзите и подготовката што ја направи државата, ќе има дополнително намалување на цената на струјата“,
рече Бектеши.
