Според министерот за економија, кога се случуваат неосновани, неконтролирани зголемувања на цените, тој е за воведување ригорозни мерки како што е забрана за вршење дејност
Од Стопанската комора на Северозападна Македонија велат дека не се согласуваат со никакви мерки од Владата освен Комисијата за заштита на конкуренцијата да го контролира покачувањето на цените. Оттаму велат дека слободниот пазар ги дефинира цените, а како мерки кои Владата може да ги воведе велат дека се намалување на ДДВ, на даноците, државните резерви

Анализите што се прават на дневна основа ќе покажат дали ќе има или не мерки за инфлацијата. Според министерот за економија Крешник Бектеши во делот на трговијата, освен замрзнување на цените, има и други механизми кои може да се воведат, како што е утврдување маржи за одреден производ, селективно, ако има проблеми во одредена индустрија, но, сепак, и тоа треба да произлезе од соодветна анализа во која се вклучени сите институции.
„Мерки за инфлацијата може да нема, а може и утре да има“,
рече денеска Бектеши.
Бектеши, кој денеска имаше работен состанок со раководството на Стопанската комора на Северозападна Македонија (СКСЗМ), додаде и дека ако е потребно може да се воведат времени мерки, но според него, кога се случуваат неосновани, неконтролирани зголемувања на цените, тој е за воведување на ригорозни мерки како што е забрана за вршење дејност.
По средбата со Бектеши, претставниците на компаниите рекоа дека се против замрзнување на цените, а како мерка што државата може да ја воведе велат дека е намалување на даноците.
Според претседателот на СКСЗМ, Менди Ќира, стопанството е секогаш за слободен пазар.
„Ние сме за слободен пазар. Не се согласуваме со никакви мерки од Владата освен Комисијата за заштита на конкуренцијата да го контролира покачувањето на цените. Слободниот пазар ги дефинира цените. Ние сакаме да се преземаат мерки, но не да се иницира или да се замрзнуваат цените. Има и други методи кои Владата треба да ги преземе како намалување на ДДВ, на даноци, државни резерви“,
рече Ќира.

Она на што министерот Бектеши и претставниците на компаниите укажаа е незадоволството од работата на Комисијата за заштита на конкуренцијата. Според Бектеши, Комисијата од почетокот на ковид-кризата до денес не излегла со ниту една претставка ниту презела конкретна мерка за нечие неетичко однесување, за нефер трговска практика или здружување на одредени компании и концентрација на моќ на одредена фирма.
„Треба да имаме конкретни анализи каде се случува поскапувањето – дали во синџирот на трговијата или има нови цени формирани од страна на производителите. Во делот на одредени производи ние сме повеќе зависни од увоз и таму не можеме да имаме никакво влијание. За домашните производи секако дека имаме механизми и такви механизми веќе имплементираме. Производствените компании во земјава добиваат милионски суми како директна финансиска поддршка од Владата годишно за секоја инвестиција и да се книжат и тие грантови што ги добиваат во формирање на производните цени за мене е неприфатливо“,
рече Бектеши во врска со поскапувањето на одредени прехранбени производи.
Во Министерството за економија, додаде Бектеши, веќе е почнат процес за зајакнување на можностите што би ги имала Комисијата за заштита на конкуренцијата. За оваа недела тој најави дека ќе има состанок со Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) на кој, како што рече, ДПИ ќе ги добие насоките за постапување согласно Законот за заштита на потрошувачите.
„Ако е потребно, секако дека можеме да носиме времени мерки, но мојот личен став и на Министерството за економија го знаете кога се случуваат вакви неконтролирани зголемувања кои не се основани. Ако има здружение на одредени сектори, јас сум за да се оди и на Законот за заштита на потрошувачите каде што се предвидени поригорозни мерки од прекршочните кои се хармонизирани со Законот за прекршоци, а таму знаете кои се ригорозните мерки. Таму има и забрана за вршење на дејност“,
потсети министерот.
Тој рече дека Министерството за економија веќе неколку месеци бара експедитивност од страна на некои институции, било да се независни или кои даваат извештај директно на Владата.
„Да не постапат институциите во вакви кризи само со пријави или најави на потрошувачи или ќе излезе нешто во медиуми и потоа прават контроли. Обврска на институциите што треба да направат инспекциски надзор е да контролираат и да прават редовни инспекциски надзори согласно програмите на неделно, месечно, годишно ниво. Не може да оставаме таквите институции да не бидат експедитивни и со месеци по најава на одреден потрошувач да преземат соодветна мерка“,
додава Бектеши.
Според министерот, по поминати неколку кризи, тој се уште, како што рече, нема слушнато дека има претставка од страна на Комисијата за заштита на конкуренцијата.
„Ние не можеме да се мешаме во работата на таа Комисија директно, зашто се избира од Собранието на Северна Македонија. Затоа почнавме измени во Законот со кој се определува работата на оваа Комисија. И ова не може само во време на криза. Комисијата треба да ги разгледа и другите аспекти – од национален интерес, на одредени компании каде имаше заложба да вршат јавна услуга, а излегуваат во 5 до 12 со став дека ќе ги остават граѓаните без јавни услуги. Такво однесување без да се преземе мерка од Комисијата, во некоја држава не верувам дека може да се случи“,
истакна Бектеши.
На работниот состанок станало збор и за законот за данок на лоцираност, како и за измените на Законот за индустриски зони на кој од страна на компаниите било истакнато дека се против законот и побарале да се повлече.