„Ако имаат тие потреба ние да помогнеме или да олесниме на некаков начин, тука сме, како што правиме за сите граѓани во државата за да го олесниме процесот. Но, би ги замолил политичките партии и медиумите да не даваме лажни информации дека одредени места крадат или злоупотребуваат електрична енергија, туку да ја гледаме големата слика, да се нагласи потребата од намалување на загубите на електрична енергија, бидејќи тоа е во интерес на државата“
Министерот за економија Крешник Бектеши демантира дека лично тој, претставници на министерството за економија или други лица од Владата учествуваат во преговорите меѓу жителите на Слупчане и ЕВН. Според Бектеши, опозицијата шири лажни вести, а Владата, како што рече, е институција која ги следи сосотојбите во енергетиката и затоа, како и секогаш дава препораки во насока на тоа да се намалат загубите на електрична енергија.
„Конкретни информации за тоа што е разговарано и договорено меѓу жителите на Слупчане и ЕВН, како Министерство немаме. Ако имаат тие потреба ние да помогнеме или да олесниме на некаков начин, тука сме, како што правиме за сите граѓани во државата за да го олесниме процесот. Но, би ги замолил политичките партии и медиумите да не даваме лажни информации дека одредени места крадат или злоупотребуваат електрична енергија, туку да ја гледаме големата слика, да се нагласи потребата од намалување на загубите на електрична енергија, бидејќи тоа е во интерес на државата“,
рече Бектеши.
Претходно, од опозициската ВМРО-ДПМНЕ побараа одговори од министерот Бектеши и од Владата да кажат што е договорено на состаноците меѓу ЕВН и жителите на Слупчане,
„Дали владата е гарант дека во Слупчане ќе се добие гарантирана месечна наплата за струја, како што бараат од 3.000 денари без разлика колку се троши? Дали владата можеби ќе им ги плати долговите на слупчанци кон приватна фирма, бидејќи парите на крајот сепак ќе бидат наплатени? Дали владата ќе дозволи можеби повисока сметка на струја на државно ниво за да се покрие таа разлика? Ова се реални прашања од граѓаните коишто повторно се ставени во подредена состојба, во позиција од втор ред“,
рече Стоилковски.
Инаку, денеска, како што пренесе МИА, се одржа уште еден состанок меѓу жителите на Слупчане и претставници на ЕВН. На состанокот, како што се наведува, се финализирале техничките детали за реализација на проектот за реконструкција и модернизирање на мрежата. Според најавите, в понеделник се очекува да се одржи уште еден состанок пред екипите на ЕВН да почнат да работат во селото.