Согласно Законот за угостителска дејност нема одредба според која сопствениците, менаџерите и вработените во угостителските објекти имаат надлежност да ги легитимираат гостите, рече министерот за економија Крешник Бектеши во гостување во вестите на ТВ Сител.
Тој најави дека Министерството за економија ќе упати писмо до Комисијата за заразни болести за да се преиспита делот во протоколот за работа на угостителските објекти каде е пропишано колку лица може да се послужат на една маса и дали се од исто семејство или не.
„Што се однесува до одредбите дека на една маса може да седат двајца, или четворица, но од исто семејство, јас можам да кажам само за она што е во надлежност на Министерството за економија. Согласно Законот за угостителска дејност, келнери, менаџери или управители на угостителски објекти немаат право да легитимираат граѓани, односно гости. Тоа е регулирано согласно Законот за полиција, Законот за заштита на лични податоци и само службени лица може да легитимираат граѓани, по посебни критериуми“,
кажа Бектеши.
Министерот потенцираше дека протоколот за работа на угостителските објекти треба уште еднаш да се разгледа во детали од страна на Комисијата за заразни болести.
„Ние како Министерство за економија ќе пратиме писмо до Комисијата за заразни болести, ако претходно имавме забелешки, сега и во пракса во првиот ден, откако се отворија угостителските објекти може да се види дека протоколот тешко се применува и од страна на угостителите и од страна на гостите. Секако ќе бараме од Комисијата за заразни болести да ги преиспита овие одредби во протоколот за да нема заблуди и кај граѓаните и кај угостителите“,
најави Бектеши.
