Министрите за економија и надворешни работи, Крешник Бектеши и Бујар Османи, повикаа да се разреши случајот со физичкиот напад врз претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимоски. Тој беше нападнат пред два дена во угостителски објект во Дебар Маало од страна на синот на поранешниот функционер Муса Џафери, Аријанит Џафери.
Бектеши директно го осуди нападот, а Османи вели дека не се чувствува повикан да изнесе свој став бидејќи се работи за син на поранешен функционер, а не на актуелен и за нив институциите треба да постапуваат како и за секој друг граѓанин.
„Штом рековте поранешен, не се чувствувам повикан да коментирам, бидејќи тоа се граѓани како и сите други граѓани. Институциите треба да постапат, како и за секој граѓанин“,
рече Османи и додаде дека да беа функционери на партијата можеби ќе изнел свој став.
Бектеши, пак, рече дека се слушнал со Бислимоски и дознал дека напаѓачите му се извиниле.
„Имав можност вчера да го гледам видеото и секако дека ги осудувам таквите случувања. Мене ми е мило што вчера во разговор со Бислимоски слушнав дека веќе се извиниле за нападот. Не верувам дека тоа може да го загрози енергетскиот сектор во нашата држава“,
рече Бектеши.
Тој додаде дека РКЕ е независна институција и не сака да навлегува во нивниот домен на работа.
„Тие одлучуваат во делот на исполнување на условите за лиценците, не одлучуваме ние како Министерство за економија или, пак, како Влада. Тие се во целосна надлежност на независната РКЕ чии членови се гласаат во Собранието на нашата држава“,
рече Бектеши.