За наводно потпишаниот ЕФЕТ-договор денеска повторно зборуваше и партискиот лидер Мицкоски, кој истакна дека според информациите што ги има компанијата со која е потпишан договорот треба да има состанок в петок во АД ЕСМ каде што ќе биде и официјално презентирана понудата и, доколку е сè во ред, треба да се потпише анекс или индивидуален договор кој е составен дел на тој ЕФЕТ-договор
За министерот за економија Крешник Бектеши, ЕФЕТ-договорот, за кој пратеникот и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, тврди дека Владата го потпишала со позицијата предложена од опозициската партија за набавка на природен гас, е еден вид меморандум за разбирање, а не обврзувачки договор.

„Николовски не бил вклучен во преговорите како заменик-претседател на најголемата опозициска политичка партија, може бил избрифиран од неговите колеги. ЕФЕТ-договорот е некаков вид меморандум за разбирање и тоа редовно се прави во рамките на Европската Унија. Тоа не е обврзувачки договор“,
рече Бектеши одговарајќи на новинарско прашање.
Тој, во однос на преговорите со контактите што на Владата ѝ ги понуди лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, за набавка на поевтин гас, истакна дека Министерството за економија и ЕСМ сè уште чекаат конкретна понуда.
„Ние чекаме конкретна понуда со цена, со количини, начин на испорака со контрабанкарски гаранции, за нашите граѓани да бидат обезбедени согласно регулативата која е во Северна Македонија и согласно сите процедури како што функционира ЕСМ во нашата држава. Кога ќе имаме таква понуда, секако дека е обврска на ЕСМ да ја одбере најдобрата, најповолната понуда, не само во однос на цената туку и во однос на другите критериуми што ги наведов како контрабанкарската гаранција“,
нагласи Бектеши.
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, во гостувањето во „Само вистина“ на Канал 5 вчера, меѓу другото, кажа дека според сознанијата што тој ги има, ЕСМ потпишале т.н. „ЕФЕТ-договор“ со позицијата предложена од ВМРО-ДПМНЕ за набавка на природен гас по поевтина цена.
„Согласно сознанијата што ги имам, веќе е потпишан т.н. ‘ЕФЕТ-договор’ помеѓу ЕСМ и контактот, односно позицијата која беше дадена од страна на ВМРО-ДПМНЕ. Претставници на компанијата која беше дадена како контакт во четврток ќе пристигнат во Македонија за да се официјализира сето тоа“,
рече Николоски.
За наводно потпишаниот ЕФЕТ-договор денеска повторно зборуваше и партискиот лидер Мицкоски, кој истакна дека според информациите што ги има компанијата со која е потпишан договорот треба да има состанок в петок во АД ЕСМ каде што ќе биде и официјално презентирана понудата и, доколку е сè во ред, треба да се потпише анекс или индивидуален договор кој е составен дел на тој ЕФЕТ-договор.
Врз основа на тоа што ќе биде потпишано, како што рече тој, очекува да започне испораката таму некаде од почетокот на ноември, па сè до периодот до кога ќе го побара Владата.
„Од информациите со кои што располагам има таков состанок во петок, во просториите на АД ЕСМ каде што ќе биде презентирана официјалната понуда од страна на позицијата. Нормално има законски критериуми и правила како функционира правниот систем во Македонија, сепак АД ЕСМ не е приватна сопственост на никое приватно лице, таа е на народот, државна компанија. Компанијата позицијата треба да достави понуда и претпоставувам таму има комисија која што ќе евалуира таа понуда, дали е таа понуда е во ред или не. Доколку е во ред не гледам причина уште во петок да биде потпишан тој анекс или индивидуален договор кој што е составен дел на овој ЕФЕТ-договор. Сепак, јас тука во деталите не сум учесник, и не ни сакам да сум учесник бидејќи има институции, наше беше да помогнеме како што помогнавме“,
рече Мицкоски, кој денеска беше во Општина Кисела, каде што присуствуваше на отпочнување на изградба на нов пазар.

Во однос на набавката на мазут Мицкоски рече дека веќе е соопштена понудата од страна на позицијата, односно на кое било пристаниште во регионот цената ќе биде берзанската минус 40 долари за тон, што според него е квалитетна понуда бидејќи на тој начин ќе се заштедат околу 10 до 15 милиони евра.
„А од позицијата која што требаше да достави понуда за мазут бидејќи имам овластување да го кажам тоа јавно, веќе е соопштена понудата, позицијата дека на било кое пристаниште во регионот цената ќе биде берзанската минус 40 долара за тон. Ако се искалкулира да речеме од Солун или Волос да се донесе во ТЕЦ Неготино, приближно 20 евра за тон, или од Волос 40 евра за тон, тоа би значело дека некаде во Македонија ќе ја имаме берзанската цена, што е исклучително квалитетна понуда, што е во моментот некаде околу 70, 80, 90 евра во зависност од цената регулирана со Регулаторната комисија за енергетика на мазутот, поевтина. Или ако земеме во предвид дека се бараат 150 000 тони, тоа значи заштеда помеѓу 10 до 15 милиони евра“,
изјави Мицкоски.