Анализите, според ресорниот министер Крешник Бектеши ќе бидат готови до крајот на неделата, а одлуката за летно или зимско сметање на времето треба да се донесе до крајот на месецот. Премиерот Димитар Ковачевски, исто така, рече дека не би можел да каже каква одлука за сметање на времето ќе се донесе се додека не ги види анализите, но вели оти постои расположение за оставање на летното сметање на времето
Дали ќе се премине кон зимско сметање на времето или ќе остане летното сметање ќе покажат анализите што ги прави Министерството за економија, а кои би требало да бидат готови до крајот на неделата.
Ова денеска го кажа ресорниот министер Крешник Бектеши, откако вчера Владата објави дека е можно задржување на летното сметање на времето кое требаше да заврши до 30 октомври, со цел дополнителна заштеда на електрична енергија во земјава.

„Анализите се прават и најверојатно до крајот на неделата ќе бидат подготвени по што одлуката треба да се донесе до крајот на месецот согласно законот“,
изјави Бектеши одговарајќи на новинарски прашања по денешната прес-конференција на која беше најавен почетокот со работа на соларната електрана во светиниколско.
Премиерот Димитар Ковачевски, исто така, рече дека не би можел да каже каква одлука за сметање на времето ќе се донесе се додека не ги види анализите, но вели оти постои расположение за оставање на летното сметање на времето.
„Ќе видиме дали ќе продолжиме со летното сметање на времето или како досега ќе ја направиме промената. Во моментот, не можам да ви кажам, би сакал да ги видам анализите. Во моментот повеќе има про оставање на летното сметање на времето но, да ги видиме сите детални анализи и потоа ќе донесеме одлука“,
рече Ковачевски.
По вчерашната владина седница, Владата го задолжи Министерството за економија да ги разгледа можностите околу евентуално продолжување на примената на летното сметање на времето, со цел дополнителни заштеди во општата потрошувачка на електрична енергија.
Во пракса тоа би значело дека во зимските месеци ќе се разденува еден час подоцна, но и денот ќе трае подолго, па наместо да почне да паѓа мрак, на пример, во 16 часот, ќе се стемнува во 17.
Зимското сметање на времето почнува од последниот викенд во октомври со што стрелките на часовникот се поместуваат за еден час поназад.
Дебата за укинување на зимското и летното сметање на времето ја отвори и Европската комисија (ЕК) пред четири години. Тогаш во онлајн-анкета дури 83 отсто од жителите на ЕУ се изјаснија дека се „за“ укинување на ваквиот начин на сметање на времето, по што ЕК достави и официјален предлог до Европскиот парламент кој истиот го одбори во 2019 година.
Според тоа, укинувањето требаше да се примени од лани при што секоја земја-членка требаше да избере кое сметање на времето ќе го задржи. Меѓутоа, во пракса тоа не се случи.