Сали веста ја сподели преку својот фејсбук-профил, при што истакна дека новата позиција за него претставува сериозна одговорност во служба на сите граѓани

Министерот за европски прашања Беким Сали на денешната владина седница е именуван за прв заменик-претседател на Владата. Сали веста ја сподели преку својот фејсбук-профил, при што истакна дека новата позиција за него претставува сериозна одговорност во служба на сите граѓани.
„Ова именување за мене не претставува само функција или титула, туку голема доверба и сериозна морална и национална обврска, да бидам во служба на секој граѓанин, без никаква разлика, сè до целосната реализација на проектите што се од суштинско значење за сите граѓани“,
пишува Сали.
Во објавата Сали направи кус осврт на досегашните постигнувања на Владата во изминатите две години нагласувајќи дека резултатите се видливи преку конкретни проекти.
„Вработувањето и унапредувањето на илјадници млади луѓе, обезбедувањето средства за изградба на кампусот на Универзитетот ‘Мајка Тереза’, финансиската поддршка за сите општини, решавањето на прашањето со медресата, како и економскиот раст и развој, се конкретни дела што зборуваат погласно од какви било зборови“,
додава Сали.
Актуелниот министер и сега веќе прв вицепремиер додава дека пред извршната власт претстојат уште многу предизвици.
„Времето не чека. Патот пред нас е сè уште долг. Ќе продолжиме да работиме со максимална посветеност за секое дадено ветување да се претвори во видлив резултат“,
вели Сали.
Тој верува дека крајната цел е успешна работа од која ќе излезат со чист образ пред граѓаните и пред историјата.
Инаку, Беким Сали и Мухамет Хоџа минатата недела на собраниска седница беа избрани за нови министри во Владата на Христијан Мицкоски.
Беким Сали го презеде ресорот евроинтеграции, а Мухамет Хоџа седна на министерското столче во животна средина и просторно планирање.
Изборот на новите членови на Владата дојде по локалните избори одржани во октомври откако Изет Меџити стапи на градоначалничката функција во Општина Чаир, кој ги извршуваше функциите прв вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање.
