Од Собранието додаваат дека на листата пратеници од ВЛЕН се деветмина, и тоа Африм Гаши, Аднан Азизи, Беким Ќоку, Калтрина Беќири, Имерлије Салиу, Саранда Имери, Фериде Хаџиу, Мерита Колчи-Коџаџику и Беким Сали

Пратеникот Беким Ќоку, кој во Собранието дејствува со пратеничката група на ВЛЕН, е нејзин нов координатор, информираат денеска од кабинетот на претседателот на законодавниот дом, Африм Гаши. Информацијата од Собранието доаѓа откако претходно до нив стигнало официјалното известување за промените во составот и раководната структура на пратеничката група на ВЛЕН.
Како што соопштуваат од Собранието, покрај назначувањето на Ќоку, за заменик-координатори се именувани пратениците Мерита Колчи-Коџаџику и Аднан Азизи.
Оттаму додаваат дека на листата пратеници од ВЛЕН се деветмина, и тоа Африм Гаши, Аднан Азизи, Беким Ќоку, Калтрина Беќири, Имерлије Салиу, Саранда Имери, Фериде Хаџиу, Мерита Колчи-Коџаџику и Беким Сали.
Досега координатор на пратеничката група на ВЛЕН беше пратеникот Халил Снопче, кој е од крилото на Алијанса за Албанците (АА) на Арбен Таравари, што одлучи да ја напушти Владата и да дејствува како опозиција.
Неизвесно е дали ќе има и други промени во пратеничката група на ВЛЕН, односно дали кон неа ќе се приклучат и други пратеници што се дел од Алијанса за Албанците на Таравари.
Според министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, најмалку четири пратеници од АА ќе се приклучат на владејачкото мнозинство.
Претседателот на Собранието, Гаши, претходно денеска во изјава за медиумите, рече дека секој пратеник има слобода во донесувањето на одлуката за приклучување кон некоја пратеничка група.
Тој вели дека до сите пратеници ќе биде испратен предлогот и сите што ќе се потпишат ќе бидат дел од таа група.
Алијанса за Албанците на Таравари во Собранието има пет пратеници. Изминатите денови информациите во јавноста се дека еден од нив, Салим Сулејмани, е можно да не биде веќе дел од оваа партија. Ваквите информации доаѓаат откако Сулејмани не беше присутен на партискиот состанок по кој лидерот Арбен Таравари објави излегување на Алијанса за Албанците од владејачката коалиција.
„360 степени“ тогаш побара одговор зошто не присуствувал на состанокот и дали тоа значи дека го напушта крилото на АА на Таравари и останува со ВЛЕН.