Информацијата дека добиле отказ на работниците им била соопштена денеска кога дошле на работа. Како што изјави еден од нив, од компанијата им рекле дека државата не давала доволно средства и затоа мораат да ги отпуштат. Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека државата на „Бехтел и Енка“ не ѝ должи ниту денар. Од компанијата, пак, не прецизираат зошто решиле да делат откази

Педесетина работници, пред сѐ од Тетовско-гостиварскиот Регион, ангажирани на изградбата на автопатските делници од Коридорот 8 што ги гради компанијата „Бехтел и Енка“, добиле откази иако, како што велат, договорите за работа не им се истечени, објави ТВ Телма.
Кога денеска дошле на работа во базата на „Бехтел и Енка“ кај автопатот Тетово – Гостивар, биле известени дека веќе нема да бидат ангажирани во градењето на Коридорот 8. Тие одржаа и протестен собир со цел да го искажат револтот со оглед дека голем дел од нив имаат важечки договори.
„Има колеги што имаат до четврти, петти, шести, седми месец договор. Велат – ни рекоа толку. Демек, државата не дава средства, финансии, и поради тоа велат – немаме средства да ве држиме, да ви даваме плата, и затоа ве отпуштаме“,
изјави Стојанче Ристовски, работник.
Работниците рекоа дека на работа се задржани претежно странски државјани.
„Од тие што се Индијци нема никој избркано, значи само македонските државјани се избркани. Странските не. Тука се, си работат. Странски државјани има повеќе од нас“,
рече Ристовски.
Министерството за транспорт, Јавното претпријатие за државни патишта, како и Владата, велат дека се подмирени сите побарувања од „Бехтел и Енка“ и сметаат дека тие немаат никакви обврски за работните односи.
„Владата не должи нути фенинг, нуту денар кон компанијата ‘Бехтел и Енка’. Така што, работниците своите права треба да ги бараат во менаџментот на ‘Бехтел и Енка’ и оние што го потпишаа тој договор со ‘Бехтел и Енка’“,
изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски.
Од „Бехтел и Енка“ за ТВ Телма велат дека на работниците сѐ им е платено за досега извршената работа, но не прецизираат зошто ги отпуштиле.
„Тесно соработуваме со Владата на Северна Македонија за да ги усогласиме градежните активности со тековните национални приоритети. Ова вклучува прилагодување на нивоата на работна сила во различни фази од проектот за да се задоволат оперативните потреби“,
велат од „Бехтел и Енка“ за ТВ Телма.
Воедно од компанијата велат дека со Владата продолжуваат да работат на градењето автопатишта низ државата и оценуваат дека Коридорот 8 има добар напредок.
