УНИЦЕФ соопшти оти од почетокот на руската инвазија околу 1,4 милион деца ја напууштиле Украина, што значи дека секоја секунда по едно дете станува бегалец
Околу три милиони лица побегнале од Украина откако Русија ја започна воената офанзива во оваа земја пред точно 20 дена. Ова го соопшти Агенцијата на ОН за бегалци (УНХЦР), давајќи ги најновите информации за бројот на украински бегалци од војната.
„Вкупно 2,95 милиони Украинци ги напуштија своите домови, а 1,8 милиони влегоа во Полска. Други отпатуваа во Унгарија, Романија и Словачка“,
наведува Агенцијата.
Вчера, на деветнаесеттиот ден од почетокот на руската инвазија врз Украина, бројот на украински бегалци беше над два милиони и седумстотини илјади, а денеска достигна бројка од речиси три милиони.
Фондот за деца при ОН (УНИЦЕФ) соопшти оти од почетокот на руската инвазија околу 1,4 милион деца ја напууштиле Украина, што значи дека секоја секунда по едно дете станува бегалец,
„Во просек, повеќе од 70 000 деца стануваат бегалци во Украина секој ден во изминатите 20 дена, што всушност секоја секунда по едно дете станува бегалец од почетокот на конфликтот“,
изјави пред новинарите во Женева, Џејмс Елдер, портпарол на Фондот за дева на ОН (УНИЦЕФ).
Како што соопшти канцеларијата на украинското јавното обвинителство, во воените дејствија на руската армија, заклучно со денешниот ден на територијата на Украина се убиени 97 деца.
Според информацијата објавена преку платформата „Телеграм“, трагичниот биланс е убиени пет деца секој ден, најмногу во регионот на Киев, следува регионот Харков, потоа во регионот Донецк, Чернигив, Суми, Херсон, Миколаев и Житомир.
Во бомбардирањата и гранатирањата се уништени единаесет здравствени установи и три центри за рехабилитација, меѓу кои и установи за згрижување деца со посебни потреби.