Па така, според податоците со кои располага УНХЦР, од почетокот на руската инвазија во Украина, која започна на 24 февруари, 3 063 095 Украинци избегале преку границите на нивната земја, што е за 93 495 повеќе од вчерашното ажурирање
Бројот на бегалци кои ја напуштија Украина по руската инвазија е зголемен за повеќе од 90 000 во изминатите 24 часа, соопштија денеска Агенцијата за бегалци на ОН (УНХЦР).
Па така, според податоците со кои располага УНХЦР, од почетокот на руската инвазија во Украина, која започна на 24 февруари, 3 063 095 Украинци избегале преку границите на нивната земја, што е за 93 495 повеќе од вчерашното ажурирање.
Меѓународната организација за миграција на ОН (ИОМ) додаде дека од Украина побегнале и 162 000 државјани на трети земји.
ИОМ проценува дека милиони луѓе сè уште се блокирани во земјата или внатрешно раселени во Украина, предупредувајќи дека освен нив, „може да бидат погодени уште милиони, ако војната не заврши“.
Агенцијата за бегалци на ОН (УНХЦР) првично процени дека од Украина би можеле да заминат околу четири милиони луѓе, но минатата недела соопшти дека таа бројка може да биде ревидирана.
Најголемиот дел од украинските бегалци кои ја напуштија земјата одлучија да се засолнат во соседна Полска.
Според полската гранична служба, речиси 1,9 милион луѓе пребегале од Украина во Полска од почетокот на војната, а повеќе од половина милион можеби веќе ја напуштиле земјата, вели професорот за миграција на Универзитетот во Варшава, Мациеј Душчик.
Според раните проценки за влијанието на војната во Украина врз тамошното население, објавена од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), доколку војната се продлабочи, речиси една третина од населението во Украина би живеело под прагот на сиромаштија, а дополнителни 62 отсто би биле изложени на висок ризик од запаѓање во сиромаштија во следните дванаесет месеци.