Беџети беше градоначалник на Тетово во периодот од 2009 до 2013 година, како кадар на ДПА, по што на чело на општината дојде Теута Арифи од ДУИ која се задржа два мандата

Поранешниот градоначалник на Тетово, Сади Беџети, во изјава за ТВ21 вели дека Финансиската полиција не го испитува неговото работење како прв човек на оваа општина и бара актуелниот градоначалник, Билал Касами, да се извини или ќе го тужи за клевета.
Изјавата на Беџети доаѓа откако вчера Касами рече дека го посетила Финансиската полиција за предмети од периодот на владеењето на Беџети.
„Чувствувам дека е неопходно да излезам пред вас и да ја демантирам вчерашната изјава на градоначалникот на Тетово во врска со обвинувањата кон мене. Констатираните финансиски неправилности немаат никаква врска со периодот на моето владеење. Го повикувам градоначалникот да се информира како што треба пред да дава такви јавни изјави“,
вели Беџети за ТВ21.
Беџети беше градоначалник на Тетово во периодот од 2009 до 2013 година, како кадар на ДПА, по што на чело на општината дојде Теута Арифи од ДУИ која се задржа два мандата.
Касами во вчерашната изјава ја обвини и власта дека му прави притисок со оглед дека предметите не биле процесуирани во периодот на Арифи.
„Денеска, пред да дојдам овде, ме посети Финансиската полиција под изговор за некои случаи на поранешниот градоначалник Сади Беџети од пред неколку години. Немаа време да ги процесираат овие случаи додека Теута Арифи беше градоначалничка, но доаѓаат сега кога Билал Касами е градоначалник на Тетово. Со сите останати проблеми што ми ги оставија во наследството, денеска ме посетува и Финансиската полиција и оценувам дека се работи за политички притисок“,
изјави Касами.