„Сум поминал многу поголеми политички притисоци од овие. Не отстапив тогаш и нема да отстапам ниту денес“, вели Беџети во реакцијата на Фејсбук
Немојте да мислите дека со овие „операции“, политички конструкции, фабрикувани кривични пријави или обиди за уцена можете да ме вратите назад, да ме исплашите или да ме натерате да отстапам од моите политички ставови. Ова го вели пратеникот од редовите на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Блерим Беџети, реагирајќи на кривичната пријава што против него и уште седум лица вработени во општина Сарај и во Градот Скопје до Основното јавно обвинителство Скопје ја поднесе Управата за финансиска полиција.

Беџети за кривичната пријава реагира преку објава на социјалните мрежи, во која вели дека оваа влада „предводена од антиалбански и вазалски структури“, многу греши ако мисли дека може да го замолчи „мојот глас и да ме заплаши“.
„Сум поминал многу поголеми политички притисоци од овие. Не отстапив тогаш и нема да отстапам ниту денес. Нарачaните пријави не ме заплашуваат. Напротив, ми даваат уште поголем мотив да останам на страната на граѓаните и да се борам за отчетност, правда и демократија. Јас не се плашам. Вистината не се затвора со политички пријави“,
вели Беџети во реакцијата на Фејсбук.
Прашан за коментар околу кривичната пријава против Беџети, премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави оти уште на почетокот кажале дека секаде каде што постои основано сомневање кое е поткрепено со докази тие како Влада ќе дејствуваат.
„Нема да правиме од тоа естрада, нема да упаѓаме дома со специјални единици, едноставно правдата мора да биде наш императив и така се однесуваме и така ќе се однесуваме без разлика дали тој што сторил неправда е поранешен функционер, сегашен функционер итн. Мислам дека за повеќе детали треба да се обратите до Финансиската полиција и да ги оставиме органите, Обвинителството и судството да си ја работат својата работа, а јас повеќе не би коментирал“,
рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање за време на денешната посета на општина Аеродром.
Финансиската полиција денеска соопшти дека поднела кривична пријава против поранешен градоначалник на Општина Сарај, шестмина вработени во општината и во Град Скопје, како и еден надзорен инженер поради сомнежи за злоупотреба на службената положба и овластување, несовесно работење во службата, и фалсификување и уништување на деловни книги.
Кривичната пријава е поднесена до Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје, од каде информираа дека ја примиле пријавата и дека веќе преземаат дејствија за проверки.
Поранешниот градоначалник и актуелен пратеник во Собранието, како и останатите пријавени во случајот се сомничат за кривичните дела злоупотреба на службената положба и овластување, несовесно работење во службата, фалсификување или уништување на деловни книги.

Според Финансиската полиција тие се товарат дека постапувајќи спротивно на законот овозможиле на фирма скопско Глумово да се стекне со дозвола за градба на катастарска парцела за која немало Детален урбанистички план.
„Пријавените лица, вработени во Општина Сарај, иако биле свесни дека за катастарската парцела КП 10405/6 КО Сарај не постои донесен Детален урбанистички план (ДУП), со пречекорување на своите службени овластувања изготвиле и одобриле извод од план и одобрение за градба со невистинита содржина“,
соопштија од Управата за финансиска полиција.
