Според Беџети, формирањето нова партија ќе го расцепка албанското гласачко тело и затоа тој и уште двајца членови на „огнените“ не ја поддржуваат таа идеја. Ганиу од Чаир вели дека нема поделба меѓу „огнените“, одлука за иднината ќе се носи по одморите
Градоначалникот на Сарај, Блерим Беџети, кој е дел од „огнената група“ во ДУИ, вели дека не ја поддржува идејата оваа фракција да формира нова политичка партија.
Вели дека неговиот став го делат уште двајца членови на „огнените“, Муса Џафери и Невзат Бејта.

„Јас, Муса Џафери и Невзат Бејта сме против формирањето нов политички субјект. Нема потреба да се формира нова политичка партија“,
вели Беџети за порталот „Журнал“.
Тој смета дека формирањето нова политичка партија би довело до фрагментација, расцепкување на албанското гласачко тело.
„Ние сме фракција во рамки на ДУИ и треба разликите да ги решаваме внатре во ДУИ“,
вели Беџети.
Изјавата на Беџети е спротивна од ставот на Изет Меџити. Тој по внатрепартиските избори во ДУИ кои се одржаа на 2 јули, а на кои, меѓу другото, на неговото место, претседател на партискиот огранок во Чаир, беше избран Беким Незири, кој најави дека не е исклучена можноста од формирање нова политичка партија.
Тогаш на нашето прашање кои се чекорите што во иднина ќе ги преземат членовите на фракцијата на ДУИ и дали можеби меѓу нив е и формирање нова партија, Меџити вели дека сите опции се на маса.

„Со ваквиот начин на организирање внатрепартиски избори, кои подразбираат и формално наше исклучување од партијата, веќе се исцрпени сите можни опции за функционирање внатре во партијата и вистина е дека искреното членство кое нè поддржува и кое е во огромен број бара рефлектирање и дејствување, при што сите опции се на маса, меѓу кои и формирање ново политичко движење“,
рече Меџити.
ГАНИУ ВЕЛИ ДЕКА НЕМА РАСКОЛ, ОДЛУКА ЌЕ ИМА ПО ОДМОРИТЕ
Инаку вчера градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, кој исто така е од таборот на „огнените“, демантира дека постојат искричења на релација Беџети-Меџити а како причина отсуството на јасен став за иднината на фракција ги посочи годишните одмори.
„Нема никаква поделба. Дел од колегите се на одмор, мислам дека кога ќе се вратиме, ќе седнеме за да се координираме сите, но за таква поделба јас слушнав од медиумите. Внатре нема ништо такво“,
вели Висар Ганиу.
Во однос на идејата за формирање ново политичко движење, Ганиу не негираше таква можност, но додаде дека досега на оваа тема не се дебатирало.
„Немаме разговарано. Ќе ги разгледаме сите опции како да дејствуваме понатаму откако вратите на партијата ни се затвораат“,
додава Висар Ганиу.
АНАЛИТИЧАРИТЕ ОЧЕКУВААТ ДА СЕ ФОРМИРА НОВА ПАРТИЈА
Покрај во Чаир, избори беа направени во вкупно 14 ограноци на ДУИ, со што практично партијата ги „прочисти“ симпатизерите и членовите на „огнената група“ од партиските функции.
Аналитичарите Сефер Тахири и Џелал Незири во разговор со „360 степени“ тогаш излегоа со различни ставови за кредибилноста на изборниот процес кај интегративците, но беа согласни по едно прашање – треба да се очекува формирање нова партија од досегашните фракционери во ДУИ.