Базенот во Кисела Вода, кој денеска во употреба го пуштија министерот за спорт, премиерот и други функционери, е дел од пет базени за чија изградба речиси цела година се прави ревизија. Министерот за спорт, Борко Ристовски, кажа дека ревизијата била при крај
Како што објавивме во серија истражувања инспирирани од наоди до кои дојде невладината организација „Центар за граѓански комуникации“, петте базени (Кисела Вода, Ѓорче Петров, Штип, Кичево и Битола) требале да бидат готови при крајот на летото во 2021 година, а договорот за нивна изградба завршуваше во февруари 2024 година. Наместо тоа, избраниот изведувач избрал подизведувач, а подизведувачот свој подизведувач, на кого, според договорите, биле префрлени над 60% од вкупната вредност од работите кои требало да се извршат, иако законот не дозволува подизведувач кој се воведува во тек на градба да добие повеќе од 30% од вредноста на работите. Овие и други дејствија се направени уште во времето на Агенцијата за млади и спорт, а министерот за спорт досега не само што не ги прекина, туку и ги продолжи договорите за изградба
Најавената ревизија за изградбата на шест базени во Тетово, Кичево, Битола, Штип, Ѓорче Петров и Кисела Вода е при крај. Откако ќе биде официјализирана, ќе биде дадена на увид на јавноста и на институциите. Ова е одговорот на министерот за спорт, Борко Ристовски на новинарско прашање на „360 степени“.
Самиот министер уште лани изрази сомнежи во процесот на изградбата на базените. Претходно, невладината организација Центар за граѓански комуникации откри дека Агенцијата за млади и спорт има исплатено повеќе пари отколу што се завршени работи на терен и дека на дел од базените работат неовластени лица. А, потоа, „360 степени“ дојде до сознанијата дека оригиналниот изведувач дал над 60% од вредноста на работите на подизведувач, кој пак, ги префрлил работите на друг подизведувач. А, законот вели, во тек градба, не може да се дадат на подизведувачи повеќе од 30% од вредноста на работите.
- (ВИДЕО) Потрошени се милиони за државни базени, а и по пет години се плива на суво
- (ВИДЕО) Случај „Базени“: Хронологија на едно петгодишно пливање на суво
- ВИДЕО) Тендер „Базени“: АМС противзаконски дала амин 61% од работите да одат кај подизведувач
- (ВИДЕО) Пробиен е уште еден рок и пак не се готови петте државни базени
„Направивме вештачење за овие пет базени, при крај е. Проблемот со овие базени – веројатно бидејќи додека официјално не заврши вешталењето не можам да кажам – меѓутоа, веројатно е немањето на желба да се завршат, немањето финансии да се завршат, и најважно од сè е што некој имал, веројатно, финансиски интерес во целава ситуација којшто на почетокот на градбата на тие базени си го искористил тој бенефит, и потоа изгубил интерес да се завршат сите овие базени“,
изјави министерот за спорт, Борко Ристовски.
На прашањето дали има конкретно име и презиме, кој е тој за којшто Ристовски рече дека остварил финансиски интерес, министерот одговори:
„Па сите оние коишто претходно биле директори. Не може друг да има одговорност освен тие директори. Така да, кога ќе заврши официјалното вештачење ќе го дадеме на увид на јавноста и ќе можете да судите сами. Ќе биде проследен и до сите официјални институции.“
Проектот за изградба на шест затворени базени почна со потпишување на договорот во февруари 2020-тата година меѓу Агенцијата за млади и спорт и фирмата „Енергоинвест трејд“. Беше со почетна вредност од 3,3 милиони евра, рок за изградбата од 18 месеци и периодот на важност на договорот четири години. Во тој момент директор беше Дарко Каевски, кој набрзо потоа стана пратеник, па во фотелјата на АМС седна Наумче Мојсовски. Пет години подоцна, единствено базенот во Тетово е завршен и пуштен во употреба. И сега базенот во Кисела Вода во склоп на основното училиште „Невена Георгиева Дуња“.
Сите други објекти се во различна фаза на градба.

Рокот за изградба е продолжуван повеќепати, а и рокот на важност на договорот. Продолжувања има потпишувано и актуелниот министер Борко Ристовски и директорот на Агенцијата за млади од спорт во владите на СДСМ, Наумче Мојсовски. Ристовски и Мојсовски се колеги од ракометните денови во македонската репрезентација.
Тие анекси биле потпишувани и покрај тоа што:
- изведувачот „Енергоинвест трејд“ најмил подизведувач, фирмата „Еуровиа“ од Тетово, која пак најмила свој подизведувач „Вивинт“ од Тетово. Вредноста на договорите за подизведување ја надминува законската граница.
- надзорот открил дека на дел од објектите работеле лица кои не биле овластени да бидат на градилиштата.

Кога се во прашање државните спортски објекти, Државниот завод за ревизија неодамна утврди случаи каде базени се претворени во магацини, а спортски терени – во ноќни клубови, без одобрување, транспарентност или контрола. Воедно, јавното претпријатие што стопанисува со спортските објекти нема прецизни податоци за сопственост и состојба на имотот што го раководи.