На седницата требаше да се расправа по иницијативата што пратеничката група на СДСМ и коалицијата ја доставија, а беше насловена „Информација за незаконското именување на Бојан Христовски за директор на АНБ“. Уште на почетокот членовите на комисијата од ВМРО-ДПМНЕ имаа забелешка на терминот „незаконско”, но рекоа дека ќе поминат преку тоа и поради интересот на јавноста ќе расправаат по точката. Но, „температурата“ во салата број 6 во Собранието порасна откако пратеникот Ковачки побара дополнување на дневниот ред со две нови точки
Првата седница на Комисијата за надзор над работата на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и Агенцијата за разузнавање (АР), на која новиот директор на АНБ, Бојан Христовски, требаше да се соочи со прашањата и дилемите што се отворија во јавноста поврзани со неговото назначување, не се одржа.
Имено, седницата ја прекина претседателот на Комисијата Скендер Реџепи по острата и на моменти тензична расправа со членовите од редовите од ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки и Никола Мицевски, при утврдувањето на дневниот ред на седницата.
На седницата требаше да се расправа по иницијативата што пратеничката група на СДСМ и коалицијата ја доставија, а беше насловена „Информација за незаконското именување на Бојан Христовски за директор на АНБ“.
Уште на почетокот членовите на комисијата од ВМРО-ДПМНЕ имаа забелешка на терминот „незаконско”, но рекоа дека ќе поминат преку тоа и поради интересот на јавноста ќе расправаат по точката.
Но, „температурата“ во салата број 6 во Собранието порасна откако пратеникот Ковачки побара дополнување на дневниот ред со две нови точки.
„Прва точка да биде посета и надзор на Агенцијата за разузнавање на 3 декември и втора точка, посета и надзор на Агенцијата за разузнавање на 16 декември”,
рече Ковачки.
Образложението за барањето за дополнување на дневниот ред беше дека Комисијата треба да изврши ваков надзор по тврдењата што премиерот Христијан Мицкоски ги изнесе на седницата за пратенички прашања на која, одговарајќи на прашање на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, обвини дека како опозиционер тој лично, но и партијата, биле следени со дронови и прислушувани од претходната власт која ги злоупотребила безбедносните служби за партиски цели.
Ковачки побара овие две точки да бидат прва и втора на дневен ред.
Претседателот на Комисијата Скендер Реџепи по ова кажа дека нема да ги стави овие две точки бидејќи тој и неговиот заменик Блерим Беџети се уште немаат безбедносен сертификат.
„Јас сум најмногу заинтересиран овие прашања поврзани со безбедноста што побрзо да бидат третирани на оваа седница, но во моментов ниту јас ниту мојот заменик немаме безбедносен сертификат и јас овие точки нема да ги ставам на дневен ред”,
рече Реџепи.
Следуваше жестока процедурална дискусија меѓу координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, и неговиот колега и сопартиец Драган Ковачки од една и претседателот на Комисијата од друга страна.
„Не знам во кој дел не се разбираме. Може сертификат нема да добиете до крајот на мандатот. Може да бараме промена на претседателот на Комисијата. Тоа што немате сертификати не е проблем на Комисијата и на Собранието. Се случувало пратеник да не добие сертификат во текот на целиот свој мандат. Ставете ги двата предлога за да видиме со што се соочуваме”,
рече Мицевски.
Во идентичен тон и наратив го дополнуваше Ковачки.
„Седницата мора да продолжи затоа што во демократско општество вие не можете да кажете дека нема да одиме во посета на службите затоа што вие немате сертификати. Тоа е на некој начин диктаторски. Тоа треба да се стави на гласање. Што правиме ако побараме затворена седница?“,
праша Ковачки.
На ова Реџепи одговори дека во тој случај ќе ја прекине седницата, што на крајот и се случи, но не поради барањето за затворена за јавноста седница, туку поради тоа што Реџепи одби да ги стави предлозите на ВМРО-ДПМНЕ за дополнување на дневниот ред на гласање.
„Свесен сум за значењето на оваа Комисија која треба да расправа и одлучува за најважните прашања за безбедноста на државата. Не сакам да бидам алатка на никого, затоа сметам дека до завршување на одредена одлука ќе ја прекинам оваа седница и ќе продолжиме кога ќе се создадат услови за тоа”,
рече Реџепи и ја прекина седницата.
На седницата речиси воопшто не стана збор за она за што беше свикана, контроверзиите и дилемите поврзани со новиот директор на АНБ, неговите квалификации, валидноста на ТОЕФЛ-сертификатот и други прашања што се наметнаа во јавноста. Единствена што зборуваше на оваа тема беше пратеничката на СДСМ и ексминистерка за одбрана, Славјнка Петровска, но исто така процедурално.
Таа ги отфрли обвинувањата дека користењето на терминот „незаконско именување“ е тенденциозен.
Во врска со предлогот на нејзините колеги од ВМРО-ДПМНЕ, таа каже дека немаат против да одат и да извршат надзор во АНБ и АР, но овие точки да бидат втора и трета, а прва да остане онаа за именувањето на Христовски.
Откако Реџепи ја прекина седницата, Петровска, излегувајќи од салата, прокоментира дека очигледна е намерата на ВМРО-ДПМНЕ да нема седница.
Новиот директор на АНБ, кој дојде на седницата, седејќи до Ковачки, само ја следеше дискусијата. Салата ја напушти во друштво на Ковачки, а на барањето на новинарите да даде изјава рече дека тоа што имал да го каже ќе го кажел на седницата.
Како што објави „360 степени“ пред три дена, Министерството за внатрешни работи (МВР) отворило постапка за ТОЕФЛ-сертификатот на директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Бојан Христовски, по сомнежите во јавноста за валидноста на документот доказ за познавање на англиски јазик за кој Христовски тврди дека го стекнал во училиштето „Јулија КО“ во Пловдив, Бугарија.
„Ве известуваме дека од страна на Министерството за внатрешни работи оформен е предмет кој е предаден во надлежност на ОЈО Скопје за понатамошно постапување. Од таа причина Ве молиме за дополнителни прашања да се обратите до надлежното ЈО“,
известија од МВР за „360 степени“.
Во врска со сертификатот на директорот на АНБ екипата на „360 степени“ беше во Пловдив со цел да го најдеме центарот за ТОЕФЛ-сертификати, а преку интернет, ја проверивме документацијата на „Јулија КО“ во бугарскиот трговски регистар.
Во Пловдив јазично училиште „Јулија КО“ не најдовме. Не ги најдовме ниту газдите. На адресите каде што им се регистрирани фирмите имаше други бизниси, од каде што ни кажаа дека сопствениците на „Јулија КО“ се отселени во Грција. Некои ни кажаа дека се преселиле пред неколку месеци, но други – дека си заминале пред пет-шест години. Во едно од училиштата за странски јазици во градот ни кажаа дека првпат слушаат за училиште „Јулија“. Во Пловдив, велеа, ТОЕФЛ се полагало само во фирмата „Класик“.
Премиерот Христијан Мицкоски тврди дека директорот на Агенцијата за национална безбедност ги исполнува условите согласно законот. Во изјава за медиумите дадена на 27 октомври премиерот ја повика Антикорупциската комисија во најбрз рок да се произнесе по овој случај по обвинувањата од опозицијата дека Христовски не ги исполнува условите да биде директор на АНБ.
Две директорки на јавни установи се осудени на условни казни затвор од по четири години на почетокот на октомври бидејќи кога конкурирале за позицијата, како доказ за познавање на англиски јазик, приложиле ТОЕФЛ-сертификат издаден од компанијата „Јулија ЦО ЛТД“ од Пловдив, Бугарија. Тоа е истото правно лице од каде што потекнува и ТОЕФЛ-сертификатот на неодамна избраниот директор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Бојан Христовски.