Реакцијата на Синдикатот на Управата за јавни приходи следува откако Министерството за финансии соопшти дека барањето за раст на платите во јавниот сектор во иднина системски се ќе биде решено со носење закон за плати и општ колективен договор, а дека секое поединечно решение ќе биде нарушување на воспоставувањето на таквиот систем и постигнување на крајната цел
Барањата на вработените во Управата за јавни приходи (УЈП) се токму во согласност со заложбите на министерот за финансии за законито постапување, реагираат денеска од Синдикатот на УЈП откако вчера Министерството за финансии соопшти дека барањето за раст на платите во јавниот сектор во иднина системски се ќе биде решено со носење закон за плати, општ колективен договор и друга законска регулатива.
„Имено, токму со одредбите на член 66 од Законот за буџети и дополнителното автентично толкување на посочениот член донесено од Собранието на Република Северна Македонија јасно и недвосмислено се докажува основата за зголемување на платите на најголемиот број на вработени во УЈП согласно нивниот статус“,
се вели во реакцијата на Синдикатот на Управата за јавни приходи.
Потребните средства за исплата на платите, велат оттаму, согласно новиот колективен договор се обезбедени во буџетот на УЈП за 2023 година.
„Имајќи ги во предвид ваквите околности и состојби уште еднаш се обраќаме до министерот за финансии, да ја прифати нашата подадена рака за конструктивна соработка, да постапи согласно закон и даде согласност за потпишување на новиот колективен договор на Управата за јавни приходи“,
се додава во соопштението на Синдикатот на УЈП.
Оттаму потсетуваат оти содржината на колективниот договор беше прифатена од министерот за финансии, директорот на УЈП и претставниците на синдикалната организација на Управата, а како такви, трите инволвирани страни имаат обврска да го потпишат новиот колективен договор.
„Со таквото законито постапување заеднички ќе придонесеме да не биде одржан генерален штрајк, за што од страна на раководството на синдикалната организација веќе е донесена одлука и е отпочнато со спроведување на потребните процедури, а исто така ќе биде спречено поднесувањето на стотици тужби пред надлежен суд на што се решени вработените во Управата“,
велат од Синдикатот.
Стапувањето во генерален штрајк, посочува Синдикатот на УЈП, ќе предизвика сериозни последици во секојдневното функционирање на државата со оглед на тоа што учеството на Управата за јавни приходи во вкупниот државен буџет на земјава е 62,3 отсто.
Вработените од Управата за јавни приходи вчера излегоа на протест пред Министерството за финансии од каде побараа потпишување на колективниот договор и покачување на платите за 30 отсто. Тие се револтирани затоа што министерот Фатмир Бесими не става потпис на колективниот договор кои го направиле заедно со него.
Со реакција на нивниот протест подоцна вчера се јави и Министерството за финансии.
Оттаму нагласија оти во подготовка е нов закон за плати на вработените во целиот јавен сектор и општ колективен договор кој во иднина ќе овозможи континуиран раст на платите. Секое поединечно решение, пред финализирање на овие два акта, додадоа од Министерството, ќе биде нарушување на воспоставувањето на таквиот систем и постигнување на крајната цел.