Според него, партиципацијата, колку и да е мала, треба да се отстрани, со цел полесна и комуникација меѓу институциите и семејствата или граѓаните што имаат некаков тип барање за третман
На една недела пред одбележување на годишнината од пожарот во т.н. дискотека „Пулс“ во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени, министерот за здравство Азир Алиу ја посети кочанската Општа болница со проширена дејност и се сретна со нејзиното раководство и градоначалникот Владко Грозданов.

Одговарајќи на новинарско прашање дека дел од повредените во кочанската дискотеката се жалат оти плаќаат партиципација при лекувањата, Алиу рече дека работна група во ресорното Министерство бара начин како да ги ослободи од плаќање за здравствените услуги.
Тоа, како што рече, е негово ветување, но и на Владата.
„Работиме на креирање на програма, бидејќи знаете дека партиципацијата е законска надлежност за да може на секоја институција да и се плати за секој пациент. Разговараме со работната група да најдеме начин како тоа да влезе во некоја од постојните програми. Тоа е едно од ветувањата, лично мое и на Владата, со цел да се реши овој проблем“,
вели министерот.
Според него, партиципацијата, колку и да е мала, треба да се отстрани за повредените во пожарот во Кочани.
„Тоа е со цел за да може таа комуникација меѓу институциите и семејствата или граѓаните што имаат некаков тип на барање за третман да можат да не плаќаат партиципација“,
рече Алиу.
Во кругот на кочанската болница почнаа да се расчистуваат деловите каде што со години се трупале ѓубре и вегетација.
Директорката на болницата, Катерина Паниќ-Мирчовска, и градоначалникот Владко Грозданов најавија повеќе паркинг-места во кругот на оваа здравствена установа и полесен пристап за возилата на Итната медицинска помош, како за пациентите, така и за вработените.
Предвидено е и демонтирање на модуларната болница со што ќе се обезбеди дополнителен простор за паркирање.
