Ваквото барање, како што беше кажано на денешниот „Марш за ангелите“ во Кочани, в понеделник ќе биде доставено до Основното јавно обвинителство во Кочани, за да, како што беше кажано од родителите, им се расчистата сите дилеми што се јавуваат кај нив во врска со спроведената постапка
Дел од родителите побараа од невладините организации, но и од Европската Унија да ја мониторираат целата постапка за да можат нивните загинати чеда да ја добијат заслужената правда
Очекуваме транспаретност и директна комуникација со надлежните институции порачаа родителите на настраданите во пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани, бидејќи како што рекоа од денешниот, деветти по ред „Марш за ангелите“ ништо не разбрале од вчерашната презентација на обвинителниот акт од страна на јавниот обвинител Љупчо Коцевски.

„Вчера сите во 12 часот бевме пред телевизиските екрани или на телефоните и чекавме да се соопшти обвинителниот акт. Ние родителите не сме правници. Соопштението на јавниот обвинител ни беше дадено по членови, закони, кој како постапил, кој како не постапил според законот за градежни работи, потоа од Кривичниот законик, од ова од она и реално ништо не сфативме. Освен кои се четворицата од обезбедувањето или кои се тројцата градоначалници, другите по име и по презиме не ги сфативме“,
рече Марија Петрушева, мајка на Андреј Панов кој загина во катастрофалниот пожар.
Петрушева потоа го прочита барањето кое, како што кажа, в понеделник ќе го достават до Основното јавно обвинителство во Кочани. Во него тие бараат да бидат запознаени со осходото од истражната постапка, како и со содржината на поднесениот обвинителен акт, односно кои се физичките и правни лица што се опфатени со него, против кого се води постапка, а кој е изземен од одговорност.
„Сметаме дека е од суштински значење Основното јавно обвинителство во Кочани конечно и целосно да нè запознае со исходот од истражната постапка, како и со содржината на поднесениот обвинителен акт. Кои физички и правни лица се опфатени. Против кого се води постапката, а кои лица се изземени од одговорност за да можеме да ги отстраниме сите дилеми што се јавуваат кај нас во врска со спроведената постапка“,
рече таа.
Неприфатливо е, наведе таа, тие како родители и најдиректно засегнати информациите да ги добиваат преку медиумите или преку неофицијални канали.
Затоа, како што додаде, очекуваат транспаретност и директна комуникација со надлежните институции.
„Имаме право да знаеме како родители, како оштетени и како граѓани кои се лицата што се обвинети, кои не се повикани и кои се причините за тоа“,
рече Петрушева.
Во таа насока, таа наведе дека посебно загрижува фактот што и покрај, како што рече, нивните укажувања и конкретни наводи одредени лица не се повикани ниту на распит.
„Нашето барање, како што реков, во писмена форма ќе ви биде доставено в понеделник. Нашата болка е тешка, но нашата борба е праведна. Бараме одговорност и вистина, не само заради нас, туку и заради иднината, за никогаш повеќе да не се повтори ваква трагедија“,
кажа Петрушева, мајка на загинатиот Андреј Панов.

Дел од родителите на загинатите млади имаа забелешки што партиите преку медиуми кажуваат кој колку помош дал и што дал, наведувајќи дека не добиле ништо, освен тоа што нивните деца кобната вечер биле оставени на немилост.
Верица Трифунова, мајка на загината Моника Спасова побара од невладините организации да ја мониторираат целата правосудна.
„Барам помош од коалицијата ‘Сите за правично судење’ и ‘Транспаренси интернешнл’…Јавно ве повикувам и од дното на душата ве молам да се вклучите во борбата за правда за мојот убиен и пеплосан ангел, Моника Спасова. Барам да бидете мониторинг служба, да надлегувате и да следите се што случува во обвинителните акти и пишувањето на пресудите. Мојот ангел Моника не почина од болест. Ја убија корупцијата и криминалот. Таа имаше најголема желба да се бори против тоа, не сакаше да биде дел од таа коруптивна банда и мафија и ете тие и го одзедоа невиниот живот, а нејзината ќеркичка ја осудија да расне без мајчина љубов“,
рече Трифунова.
Таа побара и финансиска помош од Европската Унија и нејзино вклучување во мониторирање на целиот процес.
Како и претходните осум и денешниот „Марш за ангелите“ се одвиваше по истата рута.
Во траорен молк со фотографии од своите загинати најмили, родителите на загинатите тргнаа од Паркот на револуцијата и породолжија низ трговскиот центар, Општина Кочани, а оттаму кон Полициската станица и Основниот суд до Обвинителството.
Протестот почна во 18 часот и 5 минути, како симбол за задоцнета реакција на институциите.

Денешниот собир во Кочани доаѓа еден ден откако Обвинителството подигна обвинение против 34 физички и три правни лица за трагедијата во која загинаа 62 лица, а речиси 200 беа повредени.
Сите обвинети се товарат за кривичното дело тешки дела против општата сигурност, со исклучок на еден, кој е обвинет за примање мито за изготвување на лажните лиценци за да може објектот да функционира како кабаре-клуб.
Иако првично бројот на осомничени во истрагата беше поголем и изнесуваше околу 50 лица, за дел од нив постапките се прекинати бидејќи во текот на истрагата не се обезбедени докази.
Шефот на обвинителството Љупчо Коцевски кажа и дека покрај двајцата поранешни министри, постапката се запира за уште девет други лица. Не кажа кои се ниту по име, ниту по функција. Само објасни дека запирање на постапка значи дека таа може повторно да продолжи, ако за такво нешто се соберат соодветни докази.