Прашан каков јавен обвинител и треба на Македонија, Мицкоски во вечерашното гостување во Дневникот на ТВ Сител, се осврна на законските услови, посочувајќи дека тој треба да дојде од обвинителствата или од судовите, од редот на судии што судат во кривичната област
Премиерот Христијан Мицкоски вечерва изјави дека ги охрабрува сите оние што ги исполнуваат условите и што се чувствуваат компетентни, сакаат правда и право во државата да се пријават на огласот за избор на нов државен јавен обвинител откако актуелниот, Љубомир Коцевски ќе биде разрешен.

Говорејќи на оваа тема, премиерот во вечерашното гостување во Дневникот на ТВ Сител, одговарајќи на директно прашање дали одлуката за разрешување на Коцевски, која е во собраниска процедура, е политичка, рече дека таа не е само политичка, иако е логично оти таа е таква.
Во тој контекст, Мицкоски наведе дека на државниот јавен обвинител Коцевски, кого го наследиле кога дошле на власт, му оставиле една и пол година да покаже резултати, но тоа не се случило и затоа сега влегуваат во процес на барање негов наследник од кого очекуваат многу повеќе.
„Ние ја водиме владата и дадовме шанса година и половина, како ниедна влада во минатото, на наследен Јавен обвинител му оставивме година и половина да се размавне со неговиот тим. Ги видовме резултатите какви се, и логично е, не сме задоволни и влегуваме во процес да бараме јавен обвинител од кој што очекуваме многу повеќе“,
рече премиерот.
Прашан каков јавен обвинител и треба на Македонија, Мицкоски се осврна на законските услови, посочувајќи дека тој треба да дојде од обвинителствата или од судовите, од редот на судии што судат во кривичната област.
„Согласно закон, потенцијалниот Јавен обвинител доаѓа од јавнообвинителската служба со минимум 10 години работно искуство или кривичен судија. Не може сега истакнати правници, таков е законот. Сега од овој базен треба да очекуваме да се пријават кандидати. Логично е од обвинителството да се пријавуваат кандидати кои што се минимум во вишите обвинителства во апелационите подрачја и претпоставувам оние јавни обвинители од државното јавно обвинителство, како и кривични судии коишто се кривичари коишто очекуваме да поднесат свои апликации“,
рече Мицкоски.
Одговарајќи на прашање дали имаат фаворит како партија, премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ кажа дека немаат и во таа насока ги повика сите кои се чувствуваат компетентни да се пријават.
„Еве ги охрабрувам сите оние коишто се чувствуваат компетентни, коишто сакаат правда, право во државата да се пријават“,
рече тој.

Инаку, за предлогот на Владата за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски треба да се расправа на утрешната пленарна седница на Собранието.
Ова на денешниот брифинг со новинарите го соопшти претседателот на Собранието, Африм Гаши, кој рече дека до државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски треба да биде испратена покана, доколку сака, да се обрати на седницата. Според собранискиот спикер, изборот на нов јавен обвинител би бил извршен во рамки на законските рокови.
Како што може да се види на веб-страницата на Собранието, предлог за разрешување на државниот јавен обвинител, Љупчо Коцевски е ставена на дневен ред за утрешната 76. седница, како втора точка од дневниот ред.
Од Јавното обвинителство нема потврда дали пристигнала покана од Собранието и дали Коцевски ќе се обрати пред пратениците.
