Илкоска смета дека ѝ е сторена институционална неправда и бара од надлежните и од Синдикатот на културата (СКРИМ) да го разгледаат нејзиниот случај. Меѓу неа и институцијата во тек е судски спор, за што вели дека е некаква гаранција за нејзино враќање на работното место
Диригентката Дијана Имери Илкоска, една од групата незадоволни вработени во оркестарот на Македонската филхармонија, на која не ѝ беше продолжен договорот за работа, денеска на својот фејсбук-профил објави писмо во кое посочува дека и е сторена институционална неправда и бара од надлежните и од Синдикатот на културата (СКРИМ) да го разгледаат нејзиниот случај.
Вели дека како етаблиран диригент во Македонија, но и на меѓународната сцена, соработувајќи со светски реномирани оркестри и уметници, сега останала на улица, а од завчера ѝ бил забранет пристап во зградата на Филхармонијата.
За неа и за уште неколку нејзни колеги, од Филхармонија одговорија дека навреме била побарана финансиска согласност за продолжување на договорите, која не била добиена.
Според неа, изминатите две години нејзиниот договор за вработување се засновал на определено време и секоја година се продолжувал со анекс.
„Се вработив во НУ Филхармонија на РСМ во јули 2022 година на место стручен соработник за музичка архива – нототекар, работна позиција за која се согласувам дека сум преквалификувана согласно моето образование и професионално портфолио, како и моето досегашно искуство и кариера како диригент. Но, откако се поништи местото диригент во систематизацијата на Филхармонија во 2019 година, решив да прифатам вработување на работно место нототекар во оваа институција на место на пензиониран колега (место кое не е специјално отворено за мене), поради мојата желба во таа институција да напредувам и да го дадам својот максимум како работник, но и како музичар и уметник“,
вели таа.
Потоа, поднела писмено барање до Филхармонија да ѝ се трансформира работниот однос од определено на неопределено време, повикувајќи се на Законот за работни односи. По истекувањето на рокот предвиден за одговор на нејзниото барање, не добила никакво известување од институцијата, по што процесот го продолжила по судски пат.
„Започната е судска постапка меѓу мене и институцијата која е сè уште во тек и која е некаква гаранција за мое враќање на работното место. Филхармонија, свесна за сето ова, не само што не побарала трансформација на мојот работен однос на неопределено време (со што тужбата би била повлечена веднаш и би се избегнале големите финансиски трошоци за институцијата во случај пресудата да биде во моја корист), туку наместо тоа побарала од Министерството за култура и туризам повторно продолжување со анекс договор на определено време. Истовремено, не го предвидува моето работно место во планот за вработувања за 2025 година. Замислете, бара јас да продолжам да работам, но не ме планира во годишниот план за работни места. Каква е оваа небулоза? Каков е овој контрадикторен пропуст и како настанал? Филхармонија не ги прави овие договори и годишни планови ‘сефте‘. Всушност, токму овој пропуст е причина за одбивањето на финансиска согласност од страна на ресорните министерства“,
пишува диригентката Илкоска на Фејсбук.
Откако побарала образложение од Филхармонија зошто така било постапено, првично не добила одговор оти во тек бил судскиот спор, а во понатамошниот разговор ѝ било посочено дека не ги исполнува критериумите за трансформација на работниот однос бидејќи работодавачот немал трајна потреба од работникот.
„Уште една небулоза! Се бара продолжување, но нема потреба од работното место, а го нема ни во план!“,
додава таа.
На крајот од реакцијата прашува до кога политиката на неколкумина што во институцијата си играат богови лошо ќе се одразува врз интересот на публиката, на квалитетот и изведбата на програмата, како и на стабилната и долготрајна стратегија за развој на културната сцена.
Вчера и тромбонистот Никола Ристевски испрати писмена реакција во која ги демантира ставовите на институцијата оти договорот не му бил продолжен бидејќи за тоа не постои ниту законска обврска ниту, пак, објективна причина.
Група вработени во оркестарот на Македонската филхармонија пред неколку дена преку онлајн петиција почнаа да собираат потписи за поддршка на колегите на кои не им биле продолжени договорите за работа.
Од Филхармонија одговорија дека договорите им истекле на крајот на 2024 година, а институцијата не добила финансиска согласност за нивно продолжување.