Наместо бараните 10 отсто, Деаноски вели дека вработените во државната управа и правосудството ќе добијат покачување по осум отсто во секоја од наредните три години

Владата и Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ) постигнаа начелен договор за исплата на додатоци на платите. Иако барањата не се прифатени во целост, претседателот на УПОЗ, Трпе Деаноски, по средбата со премиерот Христијан Мицкоски и владини претставници рече дека е направен чекор напред.
Наместо бараните 10 отсто, Деаноски вели дека вработените во државната управа и правосудството ќе добијат покачување по осум отсто во секоја од наредните три години.
„Како што најавуваме минатата година, ќе бидат на неколку години, на 3 рати, по 8 проценти за жал, не по 10. Пак ќе повторам за жал, не ги добивме минатата година, меѓутоа еве Владата прифати да ги исплаќа од сега со почеток од месец март, преку начин што сите институции од државната управа и правосудството, значи судовите, обвинителства, ќе треба да потпишат поединечни колективни договори за да го добијат ова право“,
рече Деаноски.
Текстот на колективните договори ќе треба да се спреми меѓу синдикатот и владините претставници, а потоа да бидат ставени на гласање пред органите и телата на УПОЗ.
„Доколку не прифатат, Владата ќе добие наш одговор дека веќе е изгубена една година, а работниците можеби ќе бараат и повисоки износи од тоа што сега е понудено, и да видиме дали ќе има условување од Владата за откажување од нешто другото“,
изјави Деаноски.
Во меѓувреме УПОЗ преку соопштение информира дека денеска во 15:30 часот ќе биде свикан состанок на органите и телата, за да бидат информирани за новата состојба.
Од УПОЗ појаснуваат дека ова зголемувањето на платите за сите вработени во управата и правосудството е поголемо од она што веќе е предвидено со Општиот колективен договор за јавниот сектор.
Дополнително, велат дека во пресметката на платите на вработените како компонента на плата останува минималната плата.
„Борбата за зголемување на минималната плата за сите работници продолжува се до нејзино зголемување, а со тоа и зголемување на платите на сите работници кои во својата пресметка на плата ја имаат минималната плата. Платата во единиците на локалните самоуправи може да се зголемува преку склучување на поединечни колективни договори“,
стои во соопштението од УПОЗ.
Денешната средба следуваше откако премиерот Христијан Мицкоски даде понуда за раст на платите за која УПОЗ потврди дека е прифатлива и дополнително ќе се разговара во рамките на синдикалните организации.
Премиерот Мицкоски потврди дека владината формула нуди етапно покачување кое ќе обезбеди долгорочен раст на примањата, независно само од движењето на минималната плата. Според него, мнозинството синдикати се согласни со овој модел кој нуди предвидливост за буџетот и за вработените.
