Додека паѓа поддршката за членство од ЕУ, дури 76 отсто од граѓаните и 69 отсто од бизнисмените ја поддржуваат регионалната соработка и веруваат дека таа има големо значење, покажуваат резултатите од регионалните истражувања
Голем процент од млади во регионот сакаат да ја напуштат својата земја – 67 отсто. Во однос на корупцијата, пак, дури 83 отсто од испитаниците сметаат дека судството е најкорумпиран сектор
Откако пред една година беше воведен бесплатен роаминг на Западен Балкан, сообраќајот во него се зголемил за 500 отсто. Во тек се преговори и за големо намалување на цените за роаминг со ЕУ

По првпат од 2015 година опаѓа поддршката за членство во ЕУ и таа изнесува 60 отсто за Западен Балкан. Во Република Северна Македонија таа е уште пониска, изнесува 56 отсто, додека дури 28 отсто од испитаниците не веруваат дека нивната земја кога било ќе стане членка на ЕУ
Поддршката за регионална соработка и меѓу граѓаните и меѓу бизнис заедницата на Западен Балкан е голема, додека довербата во ЕУ опаѓа, исто како и неверувањето дека некоја од земјите би станале членки на ЕУ.
Ова го покажуваат двете истражувања – Балкански барометар 2022 и Секјируметар 2022, кои ги спроведува Советот за регионална соработка (РСС) од 2015 односно од 2021 година.
Истражувањата се спроведени над 6 000 граѓани и над 1 200 бизнисмени, а резултатите денеска беа презентирани во Брисел.
„Околу 76 отсто од граѓаните и 69 отсто од бизнисмените ја поддржуваат регионалната соработка и веруваат дека има големо значење во подобрување на политичката, економската и безбедносната состојба во нивните земји. Во исто време, по првпат од 2015 година опаѓа поддршката за членство во ЕУ и таа изнесува 60 отсто за Западен Балкан. Во Република Северна Македонија таа е уште пониска, изнесува 56 отсто, додека дури 28 отсто од испитаниците не веруваат дека нивната земја било кога ќе стане членка на ЕУ, што е зголемување во споредба со една година порано од 6 проценти“,
соопштија од РСС.
Дури 67 отсто од младите сакаат да се иселат
Истражувањата покажуваат и голем процент на млади кои сакаат да ја напуштат својата земја.
„Дури 67 отсто од младите на Западен Балкан на возраст од 18 до 24 години размислуваат да ја напуштат својата земја и да работат во странство“,
изјави генералната секретарка на РСС, Мајлинда Брегу, на презентацијата на податоците.
На ова информација, додаваат од РСС, се надоврзува и податокот дека 37 отсто од испитаниците веруваат дека доброто образование и квалификациите се најважни да се најде работа, додека 35 отсто од нив сметаат дека личните и семејните контакти со луѓе на високи позиции се најважни за наоѓање работа.
Дури 83 отсто го гледаат судството како најкорумпиран сектор
Истражувањата од РСС покажуваат и податоци дека дури 83 отсто од испитаниците изјавиле дека најкорумпиран сектор е судството.
Ова сè уште полоши резултати од лани со оглед дека во период од една година има зголемување од седум отсто на граѓаните кои го гледаат судството како најкорумпирано.
Интересен е и податокот дека од друга страна, пак, 57 отсто од граѓаните изјавиле дека не би пријавиле корупција, верувајќи дека тоа не би довело до истрага.
„Зголемување на корупцијата има и во здравството, бидејќи 20 отсто изјавиле дека дале мито, што е зголемување за 6 отсто во однос на претходната година“,
соопштија од РСС.
Дезинформациите се перципираат како голема безбедносна закана
Кога станува збор за безбедноста, резултатите покажуваат дека како закана за неа, дури 72 отсто од испитаниците го перципираат домашното или семејното насилство, додека 40 отсто сведочеле на таков настан.
„Триесет и три отсто од испитаниците не се задоволни со безбедносната состојба во регионот, а 20 отсто веруваат дека таа ќе се подобри во текот на наредната година. Во истовреме, 12 отсто од испитаниците изјавиле дека размислуваат да набават оружје, што е зголемување од 6 отсто споредено со 2021г.“,
се наведува во податоците од Секјуриметарот 2022.
Повеќе од две третини од испитаниците, како закана за безбедноста гледаат и на дезинформациите.
„Дезинформациите како голема безбедносна закана ја доживуваат 74 отсто од испитаниците, а за 46 отсто од луѓето на Западен Балкан, новинарите се најголеми ширачи на дезинформации“,
покажуваат резултатите од испитувањето.
Сообраќајот во роаминг на Западен Балкан е зголемен за 500 отсто, се преговара и со ЕУ
Дел од податоците кои беа презентирани во Брисел се однесуваат и на сообраќајот во роаминг.
„Откако лани во јули се воведе бесплатен роаминг меѓу земјите од Западен Балкан, сообраќајот во роаминг пораснал за 500 посто, додека 43 отсто од бизнисмените се изјасниле дека тоа имало позитивен импакт во нивниот бизнис“,
рече Брегу, додавајќи дека во тек е дијалог со ЕУ за големо намалување на цените на роамингот помеѓу земјите од Западен Балкан и ЕУ.
Истражувањата Балкански барометар 2022 и Секјируметар 2022 се спроведени од средината на февруари до средината на март 2022 година на примерок од над 6 000 граѓани од Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Северна Македонија и Србија. Тие одговарале на 109 прашања, додека анкетата со бизнисмените опфатила 1 200 претприемачи или менаџери, кои одговарале на 177 прашања.