„Балканска патент иницијатива“ e новиот проект на Националната асоцијација на пронаоѓачи на Македонија (NAIM) кој, како што велат, треба да им обезбеди на иноваторите во регионот олеснувања при пријавувањето на нивните патенти, пред се во соседните држави, но и пошироко, од административен и материјален аспект.
Оттаму велат дека Законот за патенти во нашата држава, но и Европската патентна конвенција предвидуваат пријавувањето на домашен патент во друга држава да се врши преку овластен застапник, со што на пронаоѓачите им се зголемуваат трошоците и им се усложнува административната постапка.
„Со ова пред сè, се погодени иноваторите во својство на физички лица. Ваквата ситуација целосно го блокира протокот на патенти посебно помеѓу државите од бившите ЈУ простори, што е евидентно и лесно проверливо. За среќа, Законот за патенти како и Европската патентна конвенција дозволуваат билатерални државни спогодби, што овој проект го прави лесно остварлив“,
се вели во соопштението на Националната Асоцијација на Пронаоѓачи на Македонија (NAIM).
Националната Асоцијација на пронаоѓачи идејата ја презентирала и на средба со премиерот Зоран Заев, кој како што велат, изразил голем интерес и поддршка на проектот, со што би се облагородила и идејата за „мини Шенген“ кој на сите вклучени држави би им донел голем бенефит.

На оваа работна средба, се вели во соопштението, од страната на пронаоѓачите изнесени се и предлози за подобрување на условите за реализација на домашните патенти. Во светот, се вели во соопштението, патентите даваат висок придонес во домашните економии, а стапката на нашите реализирани домашни патенти во однос на развиените земји е безначајна.
„За подобрување на ваквата ситуација потребна е поголема комуникација со државните институции од кои некои од нив, се недоволно наклонети кон домашните патенти, или воопшто не покажуваат интерес кон оваа дејност која во развиените држави зазема високо место. Исто така потребна е и меѓусебна комуникација помеѓу институциите по однос на поддршката при реализација на патентите. Институции кои помалку или повеќе имаат поврзаност со патентите се: Фондот за иновации и технолошки развој, Стопанската комора на Р.С. Македонија, Министерство за економија, Министерство за образование, Државниот завод за Индустриска сопственост и др. Комуникацијата помеѓу овие институции по однос на домашните патенти е на многу ниско ниво, така што пронаоѓачите се принудени да талкаат од една до друга институција. Освен со Државниот завод за заштита на индустриска сопственост со кој NAIM има одлична соработка, со другите институции речиси и да нема комуникација, пред сè заради нивната незаинтересираност за домашните патенти и иновации. На оваа средба презентирани се и проблемите со кои се соочува NAIM при вршењето на својата мисија како и начините на нивно решавање, за што пред сè е потребно полно разбирање на важноста и улогата на NAIM за развојот на домашната економија и општество. Премиерот Зоран Заев изрази полно разбирање и спремност за поддршка на NAIM и домашните иноватори“,
се вели во соопштението.