Програмата, како што рече Бакиу, е изградена врз седум столбови, со цел да донесе вистински промени во управувањето со градот

Кандидатот за градоначалник на Град Скопје од коалицијата ВЛЕН, Башким Бакиу, денеска претстави дел од својата програма, потенцирајќи дека градот живее во хаос, запоставеност и неодговорност. Тој ја истакна „моралната обврска за одговорност“ кон градот и вети враќање на честа и редот.
„Со жалење мора да признаеме дека оваа власт што ја гледаме денес, воопшто не беше блиску до очекувањата на граѓаните. Институциите се изморени од политиката, јавните претпријатија се претворени во вистински хаос од лошо управување, а граѓаните се изморени од чекање“,
рече Бакиу.
Програмата, како што рече Бакиу, е изградена врз седум столбови, со цел да донесе вистински промени во управувањето со градот.
Првиот столб Бакиу рече дека е ред и отчетност и најави крај на времето кога јавните претпријатија им служеле на партиите.
Сообраќај без хаос и модерен јавен превоз е вториот столб на Бакиу. Тој ветува воведување брз, еколошки и безбеден систем на јавен превоз што ќе ги поврзува сите населби, со цел да се стави крај на метежот и расипаните автобуси.
Третиот столб е чист град каде Бакиу најавува воспоставување строг систем на одговорност и јавен надзор за чистотата.
„Местата каде што денес се фрла отпад ќе се претворат во зелени паркови. Ќе инвестираме во современа технологија за рециклирање, за чиста енергија и за почист воздух. Нема повеќе бетон врз зеленило, затоа што животот има потреба од здив, не од ѕидови“,
е четвртиот столб што го презентираше Бакиу.
Тој најави и дека јавните претпријатија нема да бидат бироа за вработување, туку институции кои работат со ред, одговорност и професионалност.
Скопје за младите, спортот и културата е шестиот столб каде Бакиу вети изградба на нови спортски сали и културни центри, нагласувајќи дека младите се најголемата сила на градот.
Седмиот столб што го најави кандидатот е рамномерен развој на сите општини додавајќи дека Скопје не е само центарот, туку и сите населби од Чаир до Ѓорче Петров.
„Ние не бараме ништо повеќе од она што Скопје го заслужува: ред, чистота, транспарентност и пред сè живот.Оваа битка не е за власт, туку за нормалност“,
рече Бакиу.